Зоран Михајлов
Мал е бројот на фудбалерите кои целиот свој играчки век го минале во еден клуб. Во денешно време на прсти може да се избројат тие фудбалери, а во минатото покрај популарните италијански репрезентативци Малдини и Барези, кои не ги менуваа клупските бои, беше и македонската фудбалска sвезда Кочо Димитровски. Toj му беше верен на ФК Вардар од првите до последните играчки денови, во еден период од 17 години, во кои 10 години беше капитен на тимот. Тоа е своевиден рекорд, па и по тоа Кочо Димитровски влегува во аналите не само на Вардар, туку и на македонскиот фудбал.
За квалитетите на фудбалерот кој беше споредуван со еден Ивица Осим, кој беше наречуван „фудбалски Штраус“, не треба многу да се објаснува што бил и кој бил. Доволно е да се каже дека – ако Осим е босанско -херцеговскиот, тогаш Кочо Димитровски е „македонскиот Штраус“. И навистина неговата игра беше како симфонија. Тој имаше одличен преглед на играта, главата секогаш му беше крената горе и го гледаше распоредот на своите соиграчи, па како креатор на играта секогаш беше подготвен да го одбере најдоброто решение. Неговите топки како да имаа „очи“ и секогаш стигнуваа на саканото место. Нема сомнение Кочо Димитровски претставуваше една македонска фудбалска величина.
Деби со Партизан, прв гол со Динамо
Својата фудбалска кариера Димитровски ја почна како пионер во Вардар. Тој убаво се сеќава на тие радосни моменти, за кои најголема заслуга имаше неговиот татко Перо.
-Тој еден ден ми рече дека сака да станам фудбалер. Јас тоа и го посакував, а кога тоа беше желба на татко ми, ми беше уште полесно, вели Димитровски. Зашто да не заборавиме, во тој период, а и денеска – многу родители им забрануваат на децата да спортуваат, сметајќи дека тоа негативно ќе им се одрази на учењето! Со мојот татко, за среќа не беше така. Тој како да беше визионер и ми ја предодреди мојата судбина. Така, заиграв фудбал и почнав уште од првите моменти да го привлекувам виманието на тренерите. Со мене во тие почетни моменти беа и – подоцна познатите фудбалери Ванчо Спасовски, Гоце Петровски, Илија-Ико Атанасовски, Баже Димитровски и други.
Почетоците му беа со познатите тренери, сите поранешни фудбалери: Благоја Вучидолов, Урош Петровски, Ванчо Трпевски, Часлав Божиновски, Андон Дончевски и Кирил Симоновски-Џина.
-Да се работи со сите тие звучни имиња на македонскиот фудбал беше чест и задоволство, продолжува Димитровски. Што е интересно сите тие ме ставаа на истата позиција – да дејствувам од позадината и да ја креирам играта на тимот. Така, цел живот бев-како што се нарекуваше во минатото – халф или по ново – среден играч.
Димитровски брзо напредуваше, па откако го мина оној период на калење од 14 до 18 година, веќе полека ја отвораше врата на првиот тим. Така, дојде и тој момент кога го облече првотимскиот дрес. Дебитираше во сезоната 67/68 и тоа веднаш против Партизан, тим од „големата четворка“.
-Влегов во последните 15 минути, се сеќава Кочо. Партизан водеше 1:0 и тоа беше конечен резултат. Бев возбуден, но и среќен зашто видов оти тренерите на мене сметаат и само требаше да ја чекам вистинската шанса. Да се игра покрај еден Мето Спасовски, потоа Мирко Илиевски, Сократ Мојсов, Петар Шулинчевски, прославените вардарови имиња беше голема чест. Тоа за мене беше како сон. Затоа, бев среќен, кога ќе влезев барем неколку минути во игра, тоа ме исполнуваше и ме тераше да работам уште пожестоко.
Интересно е дека по првото влегување во игра против Партизан, веќе следната недела Димитровски повторно се најде во првиот тим. И не само тоа, туку во дуелот со загрепски Динамо, исто така член на „големата четворка“ постигна гол. Тоа за младиот фудбалер беше уште поголем стимул и веќе стана јасно дека Вардар во Кочо Димитровски добива фудбалер на кој ќе може сериозно да смета во наредните години.
Незаборавни квалификации за Првата лига
Така, минувајќи го трнливиот и неизвесен фудбалски пат, Кочо Димитровски станува стандарден првотимец. Се редат многу настапи, добри игри, но некогаш се грешеше, па стигнуваа и свирежи од трибините, на кои во тоа време редовно имаше преку 10 илјади, а на дерби мечевите и по 20 илјади гледачи.
-Имаше моменти, кога екипата игра слабо и под очекувањата, а ти ќе направиш некоја грешка или имаш лошо додавање, веднаш од трибините доаѓаа свирежи. На почетокот тоа на мене делуваше разочарувачки, но со време отрпнав и тоа некако и јас и моите соиграчи стоички го поднесувавме и настојувавме да ја подобриме играта. Кога во тоа ќе успеевме се менуваше и атмосферата на трибините и тогаш – наместо свирежи, доаѓаа аплаузи. Таков е фудбалот, гледачите секогаш посакуваат врвна презентација и нормално победа на тимот за кој што навиваат.
Периодот од 1967 година, кога Димитровски заигра во првата екипа на Вардар се менуваа многу фудбалери. Клубот, исто така имаше убави, но и критични моменти. Се случи и тоа, токму кога Димитровски стана стандарден, Вардар да се пресели во Втората лига.
-Но, иако тоа на мене и моите соиграчи делуваше депримирачки, го „прегрмевме“ и тоа, па само по едногодишно играње во Втората, се вративме во Првата лига. Тогаш имаше и дополнителни мечеви за да се стигне во елитата. Се сеќавам на тие квалификации кои за мене се наезаборавни. Најнапред игравме со Будуѓност во Титоград, сегашна Подгорица. Мечот при резултат 1:1 беше прекинат поради повреда на Мутибариќ, кој беше погоден со тврд предмет кој долета од трибините. Во реваншот победивме со 3:0, а потоа бевме поуспешни и од Осиек, кого го совладавме и таму и во Скопје со по 1:0. Вардар повторно станува прволигаш, а на овие квалификациони мечеви маестрално одигра Мето Спасовски, кој според мене е уникатен играч.
Сите заминуваа-Димитровски остануваше
Времето брзо минуваше, исто како што минуваше и кариерата на Димитровски. Од клубот заминуваа поквалитетните, одеа во други средини, а доаѓаа помладите. Кочо Димитровски, иако имаше многу понуди, остануваше во Вардар. Тој стана синоним на клубот, беше спона меѓу генерациите. Во најтешките моменти соиграчите гледаа кон него. Тие знаеја кој може да ги извлече од непријатната ситуација.
-Не можев да замислам да ја сменам средината, вели Димитровски. Вардар за мене беше фудбалска светост, затоа можеби целата кариера која траеше полни 17 години ја минав тука. Во тој период се сменија многу управи, претседатели, тренери. Сите тие доаѓаа и заминуваа, а јас останував во Вардар. Со исклучок на годината кога бев во ЈНА, во Вардар бев и во најтешкиот период од 1976 до 1979 година, кога три сезони игравме во Втората лига, за конечно под водството на легендарниот Стјепан Бобек да се вратиме повторно во Првата лига. Бобек беше голем тренер, тактичар, но и шмекер – знаеше да почувствува кој е талент и кој може да стане добар играч. Така, во негово време дојдоа момчиња, кои станаа познати фудбалски имиња. Да ги споменам Здравков, Георгиевски, Трајановски, Савевски, Алексовски. Сите тие беа селектирани од Бобек, а подоцна своите квалитети ги потврдија и во времето на Вукашин Вишњевац. Во негово време пак – полека кон првиот тим чекореа Панчев, Аврамовски, Тодоровски и уште неколку фудбалери, кои подоцна станаа стандардни. На сите нив им бев капитен. Тоа практично, со некои дополнителни засилувања беше тимот кој предводен од Дончевски стана шампион на Југославија во 1987 година.
Кочо Димитровски е горд што 10 години беше капитен и стоеше на чело на сите генерации што доаѓаа во Вардар. Тој беше ценет и почитуван, кон него сите гледаа со респект. Но, кога на 35-годишна возраст дојде моментот на разделба, доживеа и големо разочарување.
-Иако можев уште да играм и да дадам за Вардар, продолжи Димитровски, на инсистирање на управата во која седеа луѓе со долгогодишно искуство во фудбалот, прифатив да ја прекинам кариерата. Но, тоа го сторив под еден услов, а тој беше – да да ми организираат да одиграм проштален натпревар за Вардар. Тие едногласно го прифатија тоа, дури и рекоа: како може за една таква величина каква што си ти – тоа да не го сториме? Со оглед на цврстото ветување јас веднаш контактирав и ги поканив да дојдат на тој проштален натпревар моите пријатели од другите клубови во поранешна Југославија-Џаиќ, Јерковиќ, Холцер, Заец и уште неколкумина познати имиња. Сите тие со задоволство прифатија да дојдат на тој мој проштален натпревар. За жал, управата не го исполни ветувањето и – до таа проштална средба не дојде. Уште чувствувам немир во душата и навистина тешко ми паѓа, што не се разделив од мојата голема љубов Вардар на еден достоинствен начин, каков што доликува за еден фудбалер кој во континуитет минал 17 години во клубот, од кои 10 бил негов капитен. Во други земји тоа не може да се случи, дури фудбалерот и да не сака му организираат таков натпревар.
Непочитувањето на величините, кај нас во Македонија, ни стана некако вообичаена работа! Ова го потврдува и фактот што една од најголемите фудбалски sвезди на Вардар, играч кој според мислењето на стручњаците е еден од петте најдобри вардарови фудбалери во неговата историја, на крајот од кариерата пред 30-тина години беше измамен. Мала утеха за него беше што стана тренер на младите категории, потоа помошник на првите тренери, а еден период и тој беше на чело на првиот тим со кој го освои дури и Купот на Македонија во 1999 година. -Едноставно по сите случувања, не се чувствувам како дел од Вардар, а и јас – клубот за кој „гинев“ и без кој не можев да го замислам животот – не го чувствувам како свој, вели Кочо Димитровски, кој колку и да е лут на своите, сепак останува Вардаровата sвезда што не темнее.
Лична карта– Кочо Димитровски
Роден 1950 година во Скопје
Кариера: ФК Вардар
Успеси: Влегување во Куп на УЕФА, капитен на Вардар 10 години
Тренерска кариера: ФК Вардар, ФК Работнички, ФК Борец, инструктор во ФФМ
Успеси: Освоен Куп на РМ со Вардар 1999 година, влегување со Борец во Втора лига
Само едно исклучување
Кочо Димитровски во долгата фудбалска кариера само еднаш беше исклучен.
-Тоа се случи на мечот со Динамо во Винковци, кога како капитен отидов да реагирам кај судијата Делевиќ од Белград – за грубата игра на домашните фудбалери, а тој ми покажа црвен картон. На истиот меч „црвен“ доби и Рингов, а и тренерот Вишњевац. Сето тоа беше сторено со намера, Вардар да биде ослабен за следниот меч со Црвена звезда, која „бркаше“ пласман во Купот на УЕФА.
Великан на ФК Вардар
За сето она што го стори во 17-годишната кариера во најтрофејниот наш клуб – Вардар, тој е прогласен за негов великан.
Заслугата на Димитровски е голема и како тренер. Покрај освојувањето на Купот на РМ, во времето кога беше тренер низ негови раце минаа многу момчиња кои подоцна станаа познати фудбалери. Од плејадата да ги споменеме и денеска актуелните Тричковски и Дејан Блажевски.
Со Борец во Втората лига
Од тренерската кариера на Кочо Димитровски треба да се спомене дека тој успеа да го внесе Борец од Велес во Втората лига.
Во моментов тој е инструктор во ФФМ, задолжен за следење на младите фудбалски таленти. Функција-која со оглед на огромното искуство наполно му одговара.