Скопската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски поради поставувањето на Александар Атанасов за генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ во 2014 година, иако немал валидна и призната диплома во земјава. Пријава е поднесена за уште три лица од општината кои што учестувале во постапката за избор на Атанасов за директор.
Како што соопшти МВР, Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против К.Т.(63), Н.И.(65), В.Ѓ.(53) и Б.Т.(67) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Трајановски, како градоначалник на град Скопје, во текот на декември 2014 донел одлука за распишување јавен конкурс за избор на директор на ЈП „Водовод и канализација“- Скопје, врз основа на што бил објавен јавен конкурс и била спроведена постапка за избор на директор на претпријатието. За спроведување на постапката биле назначени Н.И. – раководител на секторот за општи работи во Град Скопје, претседател на комисијата за спроведување на постапката за избор на директор во ЈП „Водовод и канализација“, а В.Ѓ. – раководител на одделение за управување со човечки ресурси во Град Скопје и Б.Т. – раководител на сектор за правни работи во Град Скопје, во својство на членови на комисијата.