13-годишниот Коста Кецмановиќ, момчето-убиец кое изврши масакр во белградското училиште „Владислав Рибникар“, убивајќи деветмина ученици и обезбедувач, било фасцинирано од војната и оружјето, а како што претходно открија истражителите, до детали го планирало грозоморниот чин.
Според порталот „Република“, Коста два дена пред злосторството, на 1 мај, ги исклучил камерите во станот, за никој да не го види како го зема оружјето на неговиот татко.
Во станот на Кецмановиќ имало камера која гледала во плакарот каде што бил пиштолот. Како што се дознава од полициски извори, камерата не функционирала во критичното време, а истражителите се сомневаат дека момчето-убиец намерно ја исклучило за да го земе пиштолот.
13-годишниот масовен убиец е сместен сам во просторија со тоалет на Детската клиника за неврологија и психијатрија на Клиничкиот центар на Србија.
Тој е под посебни безбедносни мерки кои заеднички ги спроведуваат полицијата и болницата.
Болницата ќе функционира во вонредни услови кои личат на затвор сѐ додека таму Коста го прегледуваат психијатри и психолози, по невиденото злосторство што го изврши на 3 мај, објави „Телеграф“, повикувајќи се на свој извор. Двајца инспектори во цивилна облека постојано со него се во собата и будно го следат, пишуваат медиумите.