Откако во јавноста се појавија лавина реакции за видеото кое се појави на интернет, каде се гледа како здравствени работници играат и пејат во салата Борис Трајковски, преку својот Фејсбук профил се огласи здравствениот работник Денис Јанкуловски, попознат како Космонаутко кој е учесник во видеото.
„Нема да објаснувам што правевме во Борис. Нема да објаснувам кога и зошто го правевме играњето во Борис. Штом така го злоупотребуваат едноставно сите злонамерници и погани усти не го заслужуваат се тоа. Не можам да стигнам на секој пост да одговорам, знам дека ме разбирате, (може во 4 сабајле кога ќе станам и ќе кликам, но во името на сите здравствени работници кои нималку виновни се најдоа на крајно необјаснив, чуден па и навредлив удар, Ви се заблагодарувам на поддршката која во сите овие 15, а очигледно и натаму месеци и тоа како ни е значајна, нам ни е еден вид елан да издржиме. Она што уште на почетокот си го зацртав и го практикувам буквално секој ден од 9ти март 2020г наваму а се со цел полесно да ги минувам напорните денови и да бидам максимално функционален и корисен е: сите неубави информации, особено дезинформации и вакви неочекувани дискредитации на здравствените работници да не допираат до мене. Затоа што се тоа што може и малку да ме измести од зацртанитот и докажано успешниот начин на секојдневно функционирање ќе се одрази на квалитетот на мојата работа а тоа уште полошо и пострашно ќе се одрази на оние кои чекаат од мене свесно, совесно и професионално работење”, напиша Јанкуловски.