Најпознатиот медицински техничар Денис Јанкуловски или попознат на социјалните мрежи како Космонаутко, на својот Фејсбук профил го искоментира последното зголемување на бројот на новозаразени од ковид-19.
“Денес над 300……
Да.
И јас би сакал да е слика од пред 1 година, но за жал не е. Тазе е. Денешна.
Да.
Топло е, пеколно, па и со најтенкиот, најлетниот скафандер е пуквачка. Ама сите ние ако треба (да не треба!!) пак ќе ги ставиме скафандерите и покрај многумесечните залудни апели кои до многумина не стигнуваа, заради што и се одолговлечи целава ситуација.
Да.
Затоа што полагавме Хипократова заклетва и не се откажуваме по никоја цена.
Да.
Искрено се надевам дека здравствените работници од ковид центрите нема повторно да ги доживуваат и преживуваат макотрпните деноноќиа и огромната премореност, доста им беше тоа искуство.
Да.
За да биде сето тоа така мора сите да бидеме посовесни, поодговорни, повнимателни, попретпазливи и со пореално прифаќање на ситуацијата.
Да.
Од самиот почеток на кризава кажувам, пак ќе повторам – дали е од љиљак или лабораториска мешавина, дали е од Кина или Америка, дали е од лани или од поодамна, НЕ Е БИТНО. Она што е најважно е дека е тука на планетава, очигледно насекаде. Тоа е битното што треба да го прифатиме а не се уште да се објаснуваме и докажуваме. Тука е, меѓу нас, кај напите блиски.
Треба да се однесуваме соодветно на ситуацијата.
Да.
Вакцинирани, но не значи опуштање. Не знаеме колку новите мутации се имуни на вакцините (а се надеваме дека не се, нели, затоа се вакцинираме), но сепак со едно будно око
Да.
Не е ова писание за “леле, греота, во скафандер пак”, не го барам ниту јас ниту останатите мои колеги и сите соработници кои сме со разни улоги во овој лош Ковид филм. Ќе одиграме максимално совесно и до крај.
Да.
Она што ни треба е разбирањето и помошта преку одговорно однесување. Колку поголема одговорност толку побрзо до крајот кој можеби изгледа бескрај но верувајте, се има свој крај. А сите посакуваме крајот на лудилово да е “те го дека е”.
Да.
За СИТЕ на број.
Да.
Трае, дефинитивно нема човек кому не му е смачено. И токму заради тоа дајте форца за да ја избркаме вештеркава за навек. Форца = совесно и со многу повеќе верување.
Да.
Затоа што знам дека можеме. И покрај искуството кое веројатно ме побива. Знам, многу ќе ми речат сега, абе Денко, џабе зборуваш, гледаш со кого имаме работа.
Да.
Но јас не се предавам, ќе зборувам и зборувам, знам дека никогаш нема зијан од повторување, може да има само ќар. И ќе има.
Да.
Не само народот, не само Денко или друг. И државата. Сите заедно
Да. Да. Да.
МОЖЕМЕ. МОРАМЕ. ЗА СИТЕ ДА СМЕ НА БРОЈ.
ЗА ПОБРЗО НА ШКОЛКА. ЗА ПРЕГРАТКИ И НАСМЕВКИ.
ЗА ГУШ И БАЦ.
Ваш Космонаутко“ напиша Јанкуловски.