Најпознатиот медицински техничар Денис Јанкуловски или попознат на социјалните мрежи како космонаутко на својот Фејсбук профил, секојдневно објавува пораки и животни приказни кои изминатиот период ги доживеал на терен. Вчера во својата тажна објава уште еднаш се обиде да објасни дека во состојбата со пандемијата покрај себе мора и малку да се свртиме кон другите.
-Замисли токму на овој 29ти март 2021 година ти си шофер и возиш автобус накај некаде. 50 седишта, продадени 41 карта. Меѓу нив се родителите на другар ти од маало, некоја женичка која ако ја распрашаш можеби ќе испадне и твоја тетка но има и некој помлад комшија.
Возиш малку побрзо, подиво, не ги почитуваш многу знаците од страна ниту препораките на радиото во врска со премногу препреки на кои наидуваш. Затоа што мислиш дека ТИ знаеш, нема потреба некој друг да ти кажува. Премногу ЈАС во тебе и премалку ДРУГИ.
Негде на средина на патот наеднаш слушаш едно големо продорно БАМ.
Се вртиш и гледаш….гледаш само празни седишта. 41 патник едноставно ги снемало, за нив патувањето прерано завршило. А си можел. Си можел само малку побавно да возиш, да слушаш што другите ти кажуваат.
Размисли. Недај боже, ама навистина недај боже. Еден ден може и ти да си патник.
Реагирај. Едноставно е. Ти – за тебе, Ти -за мене и Ти – за сите нас, – напиша Јанкуловски.