Утрово на Инфективната клиника во Скопје од коронавирус почина Драган Вучиќ.
Тој бил дијабетичар, а на Инфективната клиника бил цела недела, со висока температура и со покачен шеќер.
По влошување на здравствената состојба, Вучиќ бил ставен на респираторна машина, но за жал, не ја доби битката со вирусот.
Пријателите, колегите и целата македонска јавност веќе се простуваат со легендарниот водител преку социјалните мрежи.
Композиторот Љупчо Мирковски на својот Фејсбук профил објави проштални зборови за својот пријател. „За жал, ја изгуби битката. Почивај во мир другарче мое“.
Фестивалот „Макфест“ на својата официјална Фејсбук страна во сеќавање на Вучиќ ја објави песната „Свирете ја зајди, зајди“ која тој ја има компонирано.
Инаку, Драган со сопругата Весна беше во брак 38 години, а заедно беа повеќе од четири децении. Тие имаа еден син, музичарот Мартин Вучиќ.