Дојде денот кога сите ние што останавме да живееме во земјава, конечно ќе го дознаеме името на кандидадот, се извинувам, името на консензуалниот кандидат за претседателските избори предложен од коалицијата на СДСМ и ДУИ.
Значи премудрите лидери на Северна Кореј…пардон Македонија, ќе излезат со зеднички, односно консензуален кандидат, кој ќе треба да биде по волја на македонските и албанските гласачи на изборите и кој ќе претендира да го замени остарениот фикус во вилата на Водно.
Медиумите јавуваат дека во игра се четири имиња , а во потесниот круг се влезени двајца, кои по последниот филтер сочинет од двоецот Заев/Ахмети, ќе знаат кој од нив ќе ја добие поддршката на коалицијата за да го започне својот триумфален марш кон Водно.
Не знам како е замислено да изгледа последното соочување на кандидатите со лидерите, но мојата логика ми налага дека тоа би можело да биде некакво интервју. Значи од едната страна со блажени насмевки на лицето седат еден до друг Заев и Ахмети, чија воиграност е воочлива на прв поглед. Како пред вас да се Приморац и Лупулеску или Стоктон и Мелоун. Кога едниот вдушива, другиот издишува. Вистински Боро и Рамиз на македонското политички небо, односно Бони и Клајд на својот занает. Така синхронизирани и сплотени пред себе ги имаат двајцата финалисти, кои запотени од нервоза во себе ги повторуваат однапред подготвените одговори, што претходната ноќ ги вежбале со сопругите.
Сега е битно да се каже дека нема да лицитираме со имињата на двајцата кандидати, но за потребите на овој текст ќе ги именуваме по случаен избор. Еве да речеме едниот ќе го викаме Стево Пендаровски, а другиот на пример може да биде Оливер Спасовски.
– Оливере дете златно, зошто сакаш да бидеш претседател – дует од милозвучни гласови излага од грлата на Заев и Ахмети, чиниш за момент се работи за Селимова/Желчевски. Оливер очигледно збунет од хармонизираната генијалност на партиските лидери, се обидува да импровизира како да е на час по хемија.
– Македонија, мислам Северна Македонија е на пат да…аааа стане членка на НАТО, мислам веќе стана членка, но Европска Унија нели…па затоа мислам дека доколку јас бидам претседател ќе значи, односно ќе бидам претседател на сите граѓани – не треба да се споменува колку капки пот наеднаш бликнаа на челото на Спасовски, кој загледан во ликовите на лидерите, за момент помисли дека пред себе го има Буда. Пресликан во два земски лика.
– А ти Стефче, каква е твојата визија за нашата земја – секогаш прибраниот Пендаровски, познат по својата неприкосновена реторика и присебност во полемизирањето наеднаш загуби воздух во градите. Не очекуваше такво премудро прашање. Како Василевсот и Патријархот од двоглавиот орел да говорат со еден глас и целата цариградска мудрост на консензуалност и филозовско двоумие да е сега пред него.
– Па знаете земјава имаше конфликт…и излезе посилна, многу посилна и потоа безбедноста е битно прашање но јас…мислам ние, поточно вие – не можејќи да продолжи тој само немо се загледа во сликата пред себе, за момент мислејќи дека присуствува на некакво астрално советување на двајца реинкарнирани Далај Лами.
Во просторијата каде што се оджуваше интервјуто настана потполна тишина. Заев и Ахмети се погледнаа во очи, блажено се насмевнаа еден кон друг и така не мрднувајќи ниту за милиметар почнаа да трепкаат со очите. Иако пред нив имаа двајца обични смртници, кои на почетокот збунето се поместуваа по столчињата, сепак и тие сфатија дека советувањето на лидерите по кое ќе треба да се донесе конечниот суд започнало. Како некаков прастар јазик, познат само на боговоите, излгедаше трепкањето на водачите. Јазик постар и од “Каменот од Розета“ и од самиот „Камен на мудроста“.
По некое време на Спасовски и Пендаровски им стана сосем јасно, дека покрај вакви сионски мудреци од политичари, изборите и демократијата се бесмислени. Смисол има единствено во консензусот.
(Преземено од Фејсбук)