Хрватскиот сајт net.hr направи „симулација“ со цел да утврди колку чини летувањето за четиричлено семејство на Брач, во шпицот на сезоната, во приватно сместување до кое стигнува со сопствен превоз.
Бидејќи хрватската туристичка понуда е ориентирана и подредена на странски гости, а просечното германско, чешко или полско семејство нема проблем да плати 2000 евра за седумдневен престој во хотел, на хрватските граѓани нивното море им е сè подалечно, од лето во лето.
Податоците на Евростатот покажуваат дека повеќе од половина хрватски граѓани (51,3 отсто) на возраст над 16 години не можат да си дозволат седумдневен одмор, односно годишен одмор надвор од местото каде што живеат.
Хрватскиот сајт net.hr отприлика пресметал колку ќе ги чини домашните (авантуристички) туристи летово седумдневен одмор на хрватското приморје. За симулацијата избрале родители и две малолетни деца и Брач поради трошоците за превоз со траект, но и поради фактот што не е ниту меѓу најскапите, ниту меѓу најевтините острови.
Се испоставило дека за апартман на островот семејството треба да одвои околу 560 евра. За гориво околу 120 евра, патарини уште 50, а траектот околу 70 евра.
Храната и пијалоците во просек ќе ги чинат околу 440 евра, а евентуалното купување и дополнителниот „луксуз“ како лежалки и чадори или купување сувенири ќе чинат уште 70 евра.
Сè на сè, за еднонеделно уживање на хрватското приморје, на просечно семејство му требаат 9.773 куни или околу 1.300 евра за одмор на место кое не е ниту најскапо, ниту најевтино.