Честитки до новоизбраниот претседател на САД пристигнуваат од лидерите од целиот свет. Сепак медиумите забележаа неколкумина кои што не му ја честитаа победата на новиот американски претседател Џо Бајден.
Зборовите на градоначалничката на Париз, Ана Идалго, „Добредојдовте назад, Америка“, се чини дека најдобро го отсликуваат расположението на многу светски лидери, по објавата на американските медиуми дека демократскиот кандидат ги освоил 270 електорски гласови потребни за влез во Белата куќа, пишува германската новинска агенција „ДПА“.
Од лидерите на ЕУ, Германија и Франција и скоро сите членки на Унијата, преку Велика Британија, Македонија, Канада, Израел, Јапонија, Индија, Јужна Кореја, Ирак и Пакистан до Аргентина, Перу и Чиле, од саботата пристигнуваат честитки за изборот на Бајден на функцијата најмоќната должност во светот.
Молкот на Жаир Болсонар, еден од ретките лидери на најголемите земји во светот, кој сè уште не реагирал на победата на Бајден, е елоквентен, пишува француската новинска агенција „Афп“. Изборот на Бајден е удар за бразилскиот претседател, честопати нарекуван „тропски Трамп“, кој бил изолиран откако го поддржал Доналд Трамп до самиот крај.
Американското национално јавно радио (НПР) исто така бележи две европски реакции – додека повеќето европски лидери му честитаа на Бајден, тоа не го сторил ниту Јанез Јанша, премиерот на земјата каде што е родена сопругата на Трамп Меланија. Наместо тоа, во својата реакција на Твитер, Јанша ги нападна медиумите со порака дека тие, а не некое официјално тело, го објавиле победникот, додавајќи дека имало приговори за пребројувањето на гласовите, за кои судовите сè уште не донеле одлука. НПР наведува дека антимигрантскиот конзервативец Јанша, популист во стилот на Трамп, го поддржал Трамп пред изборите и се радувал кога Трамп предвреме ја прогласил својата победа.
Друг сојузник на Трамп, унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, не му честитал на Бајден, пишува НПР. Ориго, провладин медиум контролиран од сојузниците на Орбан, ги нарел американските вести „Хаос во САД“. Локалните медиуми исто така забележуваат дека Орбан е единствениот лидер во Централна Европа кој не му честитал на Бајден.
Првиот сосед на Америка, мексиканскиот премиер Андрес Мануел Лопез, во саботата објави дека нема да му честита на Бајден, велејќи дека наместо тоа, мудро ќе одлучи да го чека судскиот исход на изборите.
Тимот на Трамп поднесе тужби оспорувајќи ги резултатите од изборите. Досега, Трамп не покажа подготвеност да го признае поразот, тој тврди без доказ дека му е украдена победата, а наместо тоа неговиот правен тим се обидува на секој начин да ги оспори изборните резултати. Останува да се види дали тоа ќе успее, проценува германската новинска агенција ДПА, додавајќи дека е под знак прашалник дали ќе може да се стори со зголемениот консензус за исходот на американските избори.