Горан Кунгуловски е прв човек на „Био Инженериг“ и на лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во „Жан Митрев клиника“, а тој ги направи и првите генетски испитувања на новиот вирус ковид-19 кај нас. Но, Горан и приватно се соочил со вирусот, кога вирусот влегол дома и неговите родители се заразиле.
Кунгуловски на својот Фејсбук профил напиша подолг статус околу целиот начин на детектирање, но и на лекување.
– Majка ми работи во Swisslion (Агроплод). Знаејќи за нејзината работа и постојаното мешање и размешување на луѓе, недостатокот на дисциплина на носење маски, организацискиот капацитет на фабриката и општиот менталитет на просечниот ресенец, знаев дека ќе биде само прашање на време додека не почне да жежи коронавирусот и таму. Во овој случај, времето беше почетокот/средината на Јуни кога почна да се појавува кластер на коронавирусот во Ресен, што почна од некоја слава па се прошири во Swisslion (Агроплод).
На 10-ти Јуни се појави првиот случај на коронавирусот во Ресен, вели тој, во понеделник на 15-ти Јуни моите ми кажаа дека мајка ми има блага температура, ужасна главоболка и општа омалаксаност. Имајќи ги епидемиолошките и симптоматолошките податоци, сигурен бев дека се работи за новиот коронавирус. Ама научник како научник, секогаш бара потврда. Во средата на 17-ти Јуни претпладнето ми започна супер во AvAv Happy Dog, славевме точно една година откако како накиснато гревче го најдовме и посвоивме Фрејето (најзабавното куче на свет). Неколку часа после тоа, тимот на ИЈЗ беше колегијален (голема благодарност), ги посети моите во Ресен и им земаше три бриса, два од мајка ми (еден за ИЈЗ, еден за мене) и еден од татко ми (за мене).
Истиот ден накај 17:00 часот ги подигнав брисевите од ИЈЗ и тргнав накај нашата (на Био Инженеринг и Zan Mitrev Clinic) генетска лабораторија во Жан Митрев. Веќе имав спремни реагенси за брзата молекуларна метода којашто сам ја развив.
Од моето влегување во лабораторијата и отворањето на брисевите, за 18 минути потврдив дека мајка ми е позитивна. Знаев и дека титарот на вирус е релативно висок. За еден час и 15 минути, знаев дека и татко ми (којшто не чувствуваше никакви симптоми) е позитивен.
После неколку часа истите резултати се потврдија и со PCR, Ct 18 кај мајка ми (аналогно на милион вирусни копии во реакцијата) и Ct 28 кај татко ми (аналогно на 1000 вирусни копии).
Ми јавија и од ИЈЗ дека брисот на мајка ми е позитивен, Ct 19. Им реков на моите дека мајка ми може да излезе од изолација од горниот спрат и дека може да почнат да се дружат и пазат со татко ми.
Бидејќи мајка ми веќе имаше симптоматологија, а татко ми беше сеуште без симптоми – имајќи ги епидемиолошките податоци, знаев дека него сме го фатиле во многу рана фаза и дека ако во наредните неколку денови не развие симптоми, ќе остане без симптоми (35% од пациентите се асимптоматски).
Моети совети беа: 1) на неколку часа да се мери температура и доколку не е премногу висока, да не се зема парацетамол 2) Да се следи дишењето и да пријават доколку има проблеми 3) Да се купи пулс оксиметар и постојано да се следи сатурација со кислород.
Ако се случи тренд на паѓање под 94% веднаш хоспитализација. На мајка ми и реков, дека според тековни научни студии, во најдобро сценарио симптомите треба да и траат меѓу 7-11 дена.
Поминаа 7-денови, кај мајка ми немаше ни подобрување ни дијаметрално влошување на состојбата. Обично после првата недела, пациентите одат или во една или во друга насока. Татко ми сеуште без симптоми. Тогаш знаев дека веројатно ќе го помине вирусот на нога, без никакви симптоми.
Проактивните контакти со медицински персонал им беа минимални: никој ни се интересираше, нити даваше добри совети (лапај Сумамед е исклучително лош совет). Не можам да си замислам како им е на луѓето што немаат син што директно работи на SARS-CoV-2 тестирање и може да ги советува и одвлекува од лоши медицински пракси.
8-от и 9-от ден, мајка ми почна да се чувствува подобро, фреквенцијата на периоди со температура беше намалена. Татко ми, биљбиљ. Ова беше индикација дека работата оди на подобро. Случајно дознав дека тим на лабораторијата Авицена се наоѓа во Ресен и ги замолив доколку е возможно да земат крв и брисеви од моите.
Голема благодарност за нивната колегијалност. Исто благодарност до Ординација Пашковски што ни излегоа во пресрет со епруветки за крв. Со нетрпение ги чекав брисевите и примероците со крв. Брисот од татко ми негативен, брисот од мајка ми позитивен со Ct 35, што исто така беше добра вест бидејќи значеше дека има 25 000 пати пониска концентрација на вирус во грлото.
Исто така и направив и PCR тест на други 33 респираторни вируси и бактерии за да имам увид дали се случува секундарна бактериска инфекција (сумамедова медицина базирана на докази). Знаев дека за неколку дена ќе биде PCR негативна.
Резултатите од крв, кај татко ми одлични со умерено низок инфламаторен индекс, кај мајка ми зголемена глукоза (коронавирусот потенцира дијабетес), умерено висок инфламаторен индекс и CRP 80-кa. Нејсе, за да носам заклучоци (дали мајка ми треба да се хоспитализира или не), чекав резултати од деталното имуно профилирање.
Од нив се утврди дека меѓу другото нивото на IL-6 (главниот про-инфламаторен диригент) е благо зголемено кај двајцата, но не се наоѓа во опасна зона. Тоа беше индикатор дека работата навистина оди на подобро. И беше подобро, веќе после 11-от ден, мајка ми веќе не чувствуваше никакви симптоми и неколку дена после тоа се врати во нормала. После тоа, двајцата имаа по два последователни негативни PCR тестови. Официјално ОЗДРАВЕНИ.
Прашањата коишто си ги поставив во текот на оваа одисеја се:
1. Според алгоритмот (којшто според мене е катастрофален), татко ми не требаше да биде тестиран. И немаше да биде доколку немаше син што има лабораторија. Што значи дека поминувајќи асимптоматски – немаше да знае дали воопшто бил инфициран или не. Огромно психолошки бреме носи таквото незнаење кај многу луѓе.
2. Комуникацијата со медицински персонал беше минимална и ради реда. Како обичен човек на домашно лекување би знаел дали состојбата му се влошува или не, ако кај истиот не се следат обични биохемиски и имуни параметри?! Како ќе знае што треба да направи, ако матичниот лекар не го советува како точно треба да се однесува?
Како ќе знае дека ситурацијата му се влошува ако не мери сатурација (или нема син да му каже да мери кислородна сатурација)? Како ќе знае дали и каква пневмонија развил ако ни под разно не може да отиде во државна или приватна болница и да направи рентген? Колку луѓе заминаа прерано бидејќи немаме инфраструктура за објективно да ја следиме нивната клиничка состојба?!
Бидејќи голем број на тие луѓе немаа синови и внуци што работат на frontline во најнапредни лаборатории и може да си дозволат најнапредни тестови коишто 1-2-3 дена унапред може да укажат во која насока ќе се движи болеста!
3. Која е причината што на многу COVID-19 пациенти им се препишува SUMAMED (силен антибиотик) без никакви докази за секундарна бактериска инфекција?! Ради реда или дека така се прочитало на некој портал? Антибиотикот, доколку нема индикација за него, само може да ја уништи твојата природна бактериска флора којашто и тоа како го држи кревкиот баланс во организмот.
4. Кој ќе одговара за лошата структурна организираност во Swisslion и мешањето на персонал од различни сектори во тек на пандемија?
5. Кој од тие што имале симптоми (губење на мирис и вкус; температура) ќе одговара за неодговорното и недисциплинирано одење на работа во тек на пандемија?!
За крај, научете ги матичните лекари да ги поставуваат вистинските прашања и вистински, а не про-форма да ја следат состојбата на пациентите.
Направете софтверска алатка во којашто пациентот ќе може да внесува податоци на дневно ниво и од нив ќе може да се увиди дали состојбата се влошува или не.Мерливо и временски-зависно, а не low-tech преку телефон. Не сме во камено доба.
Организирајте се со сите јавни и приватни лаборатории и направете инфраструктура за редовно следење на крвни, биохемиски и имуни параметри на пациентите на домашно лекување. Прекрасните односи со ИЈЗ и Авицена се доказ дека сите можеме заедно да функционираме и да си помагаме меѓусебно.
Информацијата е секогаш моќ. Само така ќе знаеме повеќе за реалната состојба на пациентот. И аман тестирајте ги сите што биле во контакт со позитивен, не кошта ништо.
А јас конечно ги посетив моите, со негативен тест пред и после посетата.“, напиша Горан Кангуловски на Фејсбук.