Францускиот вирусолог, добитник на Нобеловата награда за физиологија и медицина во 2008 година за изолирањето на вирусот на ХИВ, Лук Монтањие, тврди дека Ковид-19 нема природно потекло и дека е создаден намерно во лабораторија.
-Дојдовме до заклучок дека е дојдено до манипулација со овој вирус, рече Монтањие во интервју за француската телевизија „Си-њуз“( C-News).
-Вирусот нема природно потекло, тој е дело на молекуларен биолог. Не е познато со која цел е тоа направено, Мојата работа е изнесување факти, јас никого не обвинувам и не знам кој тоа го направил и зошто. Можно е да сакале да произведат вакцина против вирусот на ХИВ, претпоставува нобеловецот.
Франција вчера, преку кабинетот на претседателот Емануел Макрон, соопшти дека засега нема докази за поврзаност меѓу новиот коронавирус и работата на истражувачката лабораторија П4 во кинескиот град Вухан.
– Сакаме да разјасниме дека до денеска нема докази што би ги поткрепиле информациите што неодамна беа објавени во печатот во САД, а кои го поврзуваат потеклото на Ковид-19 со работата на лабораторијата П4 во Вухан, Кина, соопшти кабинетот на францускиот претседател.