Русија денеска ја регистрираше третата вакцина против коронавирус „Ковивак“, настаната во научниот центар за истражување и развој на имунобиолошки препарати „М. П. Чумаков“. 120.000 дози од вакцината во промет ќе бидат пуштени во средината на март.
Според Константин Чернов, заменик-директор за проектна активност и иновации на Центарот, наведениот препарат, за разлика од постојните вакцини, има цели вирусни честички.
„Тие се инактивирани, мртви и не се во состојба да му наштетат на човечкиот организам на било кој начин. Меѓутоа, можат да развијат имунитет на новиот коронавирус“, рече експертот.
Чернов објасни дека стручњаците на овој институт во „црвените зони“ на ковид-болниците изолирале примероци на вирусот погодни за култивирање. Собрани се вкупно повеќе од 600 примероци за „Ковивак“ да биде базирана на сој добиен од еден пациент во болницата во населбата Комунарка на периферијата на Москва.
Препаратот на база на цел вирус, според зборовите на стручњаците, има значителна предност, тој го „запознава“ целиот организам со вирусот, додека пептидните, аденовирусните и mRNA вакцините создаваат имунитет само на S-протеинот од кого е изградена боцката на коронавирусот.
„Не треба да се отфрли можноста дека некои механизми на делување на вирусот врз организмот во овој момент сé уште можат да бидат непознати. Освен S-протеинот, само во надворешните структури на вирусот се наоѓаат уште четири основни протеини. Вкупно вирусот сега има преку 50 различни протеини. Веќе постојат податоци дека освен молекули на одреден тип за кој се врзува протеинот S со цел влегување на вирусот во нашите клетки, предизвикувачот на ковид заемно делува со уште најмалку три други рецептори во организмот на човекот“, напоменува научникот додавајќи дека „Ковивак“ всушност го имитира природниот процес во сите негови аспекти.
Инаку, во Русија веќе се регистрирани две вакцини против коронавирусот – вакцината „спутник В“ развиена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ на руското Министерство за здравство и вакцината „епивак“ на Државниот истражувачки центар за вирусологија и биотехнолошка вектор, пренесува „Танјуг“.