Револтиран што за субвенционирана струја општините ги пријавувале и општинските згради, премиерот Димитар Ковачевски денес објасни дека владините мерки за помош не се за некој да ужива, а друг да не може да сврзе крај со крај.
„Сакам да упатам порака до општините, овие мерки не се за удопство ниту на државна администрација ниту на општинска администрација. Овие мерки не се за некој да седи по канцеларии, да си вари кафиња, да си држи состаноци и да си чита весници. Овие мерки се за граѓаните. Овие мерки не се за некој во време на криза ужива во удопство, а друг да не може да сврзе крај со крај. И затоа да си поднесат за комунални претпријатија за снабдување со вода, за средни училишта да се обезбеди се она што е потребно за децата и за граѓаните. Во време на криза не се финансира удопство и изобилие, туку се финансира солидарност“, рече премиерот Ковачевски.
Министерот Бектеши рече дека за субвенционирана струја се пријавило и Јавното сообраќајно претпријатие.
„Само во Град Скопје, освен ЈП ‘Водовод и канализација’ сакаат и ЈСП да се покрива од страна на државата. Ние сме кажале, овој буџет е на граѓаните и тој ќе се троши за граѓаните да не плаќаат поголеми сметки, а не на некому што не може да направи апликација во рок од две недели, па ние треба да му ги одземеме надлежностите како Влада“, рече министерот Бектеши.