Шпанските климатски активисти уништиле повеќемилионска јахта која била закотвена на Ибица во текот на викендот, покажува видеото на социјалните мрежи. Јахтата со име “Каос”, вредна 300 милиони долари, наводно е во сопственост на милијардерката Ненси Лори, наследничка на „Wallmart“.
Активистите од „Futuro Vegetal“, еколошка група која има за цел да се бори против климатските промени, го споделиле видеото на Твитер во неделата наутро, а на него се гледа како стојат пред јахтата и држат постер на кој пишува „Ти консумираш, другите патат“. Најмалку еден дел од надворешноста на бродот, оној најблиску до копното, е обоен со мешавина од црвена и црна боја во спреј.
https://twitter.com/i/status/1680602866996723712
Членовите на групата истакнале дека емисијата на јаглерод диоксид е најголема меѓу најбогатите луѓе на светот, пишува „CBS News“.
„Најбогатите 1 процент од светската популација загадуваат повеќе од 50 проценти од најсиромашните. Ја осудуваат нашата иднина на болка, беда и пустош. Тие ја уништуваат нашата планета, ја загрозуваат населивоста на Земјата за да го одржат животниот стандард кој ги надминува границите на разумот“, велат активистите на снимката.
Двајца климатски активисти кои се појавуваат на снимката се приведени во неделата, а од групата на Твитер напишале дека парот најверојатно ќе биде ослободен.
Според „Yacht Bible“, сајт за вести од индустријата кој вели дека го следи купувањето и сопственоста на јахти на глобално ниво, јахтата „Каос“ и припаѓа на Лори, внука на соосновачот на „Wallmart“ Бад Волтон. Лори го наследила уделот во „Wallmart“ од својот татко и добила доволно акции во компанијата кога тој починал во 1995-та година за да стане милијардерка, наведува „Forbes“. Го заземала 268. место на листата на милијардери во 2023-та година, а неjзината нето вредност е проценета на околу 8,7 милијарди долари според „Forbes“.
Активистите за клима, климатските научници и светските лидери веќе со години ги повикуваат богатите да ја намалат емисијата на јаглерод диоксид, бидејќи укажуваат на несразмерен придонес на гасови од богатите земји како САД и некои поединци. Обединетите нации во 2020-та година ги повикале најбогатите на светот да го намалат својот јаглероден отпечаток за околу 97 проценти за да се спречат климатските промени.