За тоа што 50 милиони жители на кинеската провинција Хубеj повторно дишат со полни бели дробови најзаслужен е доктор Жонг Наншан, епидемиолог и пулмолог. Пред неколку дена се укинати рестрикциите за движење во Хубеј, а последните жители на Вухан ќе излезат од карантин на 8-ми април.
Вирусот COVID-19 е совладан само затоа што тој забранил секакво движење во најзагрозената област, барајќи луѓето да се воведат во строга изолација 24 часа дневно.
Фотографиите и пораките на лидерот на Националната здравствена комисија во истражувањето на новиот коронавирус ги преплавиле кинеските социјални мрежи, во чест на нациолналниот херој, како што го нарекуваат тамошните медиуми, а се печатат и календари со неговиот лик.
Доктор Наншан има 84 години, иако секој би му дал барем 30 помалку. Секојдневно вежба, мускулите му се истакнати како на бодибилдер. Професорот на Универзитетот во Гуангжу одамна е во пензија, но кинеските власти биле во право кога одлучиле да го активираат. Требало да се врати потресената доверба во службениците во Вухан, кои не кажале веднаш дека новиот вирус не е под контрола.
Само докторот херој можел да ги увери луѓето кои ги обземала паника дека мораат во тотална изолација и дека ќе биде се во ред. Меѓу другото, тој во 2003-та година го победил и САРС.
Наншан не се плашел да каже дека во ситуација кога епидемија убива луѓе, не е важно кој ќе биде шампион во светот во БДП, дали Кина или САД. На властите им порачал дека нема да биде добро ако не го послушаат. Сите во изолација, без исклучок, била неговата прва порака.