Австралиската полиција, по шест часа интензивна потрага, го пронашла и уапсила 31-годишниот киднапер, кој успеал да влезе во една од куќите во Бризбејн и да земе дете старо само 20 месеци.
Маж со маска и ракавици влегол во куќата во Бризбејн околу 4. часот наутро, го извадил детето од креветчето и побегнал. Дедото кој случајно станал и видел дека вратата од детската соба е ширум отворена, забележал дека момчето исчезнало.
Безбедносните камери го снимиле киднаперот, а веднаш потоа била издадена тревога, па полицијата во рекорден рок почнала со потрага по исчезнатото дете.
Тоа било најдено по шест часа во една куќа, оддалечена околу осум километри од неговиот семеен дом. За среќа, не било повредено, а киднаперот веднаш бил уапсен.
Тој на рочиштето тврдел дека има шизофренија и дека слуша гласови. Веднаш му бил одреден притвор.
Очувот на детето за медиумите потврдил дека момчето е добро и дека повторно е во прегратките на неговите најблиски.
Тој посочил дека семејството го познава човекот кој го киднапирал нивното дете.
„Го запознавме пред неколку месеци, тој изгледаше како добра личност“, рекол кратко очувот.
Семејството спомена дека најверојатно, по овој страшен случај, ќе се иселат од таа населба.