Граѓаните кои сакаат да присуствуваат на светата литургија што Папата ќе ја оддржи на 7 мај, на плоштадот “Македонија“ во Скопје, ќе мора да се регистрираат за да добијат билет. Билетите се делат бесплатно и ќе им бидат дадени на сите граѓаните кои ќе се регистрираат. Од вчера билетите можат да се подигнат во католичките парохии низ државата.
Од Католичката црква во Македонија, која стои зад организација на настанот, велат дека очекуваат присуство од сите граѓани, без разлика на нивната вероисповед.
Инаку, според агендата, се очекува Папата да пристигне во 08.15 часот утрината на 7 мај. Во Претседателската палата ќе се одржи церемонија за добредојде, по што ќе следи средба со претседателот и со премиер на државата, а потоа со државниот врв, граѓанското општество и дипломатскиот кор. Најавена е посета на Спомен куќата на Мајка Тереза заедно со лидерите на верските заедници, а потоа и средба со сиромашните. По ова ќе следи светата миса на плоштадот Македонија.
Планирано е Папата да биде официјално испратен во 18.30 часот на скопскиот аеродром од каде ќе замине за Рим.
Денеска Владата објави дека 7 мај сепак, ќе биде работен ден.