Чуден е тој шоу бизнис, кога големите ѕвезди насобрани во еден бенд, наеднаш и без особена причина решаваат да се распаднат или, пак, фронтменот напрасно решава да гради соло кариера.
Имало такви примери безброј, од „Битлс“, до „Полис“, од „Џексонс фајв“ до „Дестинис чајлдс“. Славната ливерпулска четворка ги изнедри соло кариерите на Пол Маккартни, Џон Ленон, Џорџ Харисон и Ринго Стар. Тие направија одделно значителен број на хитови, но музичките хроничари се сложни дека никогаш ни приближно го немаат допрено квалитетот од заедничката соработка во „Битлс“.
Од друга страна, пак, Мајкл Џексон неколкукратно ги надмина „Џексон фајф“, стана глобален феномен, немилосрдно ги списка заработените пари и зад себе остави долгови и сомнеж дека својот раскошен имот „Неверленд“ го користел за педофилски активности. Од соло проектите се „омрсија“ добро Бјонси, Стинг, Роби Вилијамс, па дури и Драган Вучиќ кој своевремено „тезгареше“ со групата „Кода“, а потоа се посвети на хм… водење ТВ емисии.
Примерите од овие распади на бендовите се различни, варираат од случај до случај, но секогаш и во секоја ситуација предизвикуваат неверојатни трауми кај фановите. Неверојатни трауми!
Затоа и не треба никој да се изненади што распадот на најпопуларниот бенд во Македонија, оној што нагалено го викавме „Три грации“, а беше оформен на полудиригиран кастинг под името „СЈО“, разочара огромен број на фанови. Да објасниме дека за оваа група не беше организиран телеволтинг, туку во соработка на неколку странски „екпсерти“, како и домашни „менаџери“ беа одбрани трите дами кои веднаш ќе пристапат кон пишување на историја. Реков дека публиката не учествуваше во изборот, но тоа не беше проблем, „СЈО“ стана мегапопуларен бенд, чии редовни настапи неретко ги следеа и по стотици илјади луѓе. Фановите беа буквално збудалени по нив, се купуваа на ангро маички со логото на бендот, кои станаа „мастхеф“ бренд во земјата. Катица беше славена по нејзиниот редок талент да пее, а притоа да не отвора уста, Ленче како школски пример на домашно одгледана ѕвезда, нешто како Сања Долежал од „Нови фосили“, додека Фатиме Фетаи во себе ја насобра сексипилноста на Ријана, ентертејмантот на Фреди Меркјури и сензуалноста на Леонард Коен.
Да, дел од медиумите не им беа наклонети уште од стартот. Критиката беше остра и на моменти немилосрдна, но тоа како да им даде дополнителен ветер во грбот да допрат до поголем број на верни обожаватели.
И така како „гром од ведро небо“ Катица се огласи дека го напушта бендот. Штама, неверување и страв. Ама зошто? Ама како? Фановите попарени се прашуваа со очај во очите. Некој кажа на Катица ѝ било доста. Имаше едни што ѝ се заблагодаруваа за стореното. Па дури се шпекулираше дека апсењето на Боки 13 ја мотивирало да си замине! Мислам, свашта.
Се прочу дека таа можеби ќе почнела со соло кариера. Има и такви што сметаат дека Катица ќе „свири“ клавир во некој објект сместен во Шутка. Други тврдат дека сега Ленче ќе станела фронтмен, а еден од сабајле ми се колнеше дека Фатиме ги научила сите текстови на памет и планира да ги изведува анплаг со акустична гитара и дајре.
Се тешам во себе дека светот го преживеа распадот на „Битлс“ и разделувањето на Сајмон и Гарфанкел. Па и Питер Гебриел си замина од „Џенесис“, па беше заменет од Фил Колинс, а „Квин“ „цепаат“ милиони децении по смртта на Фреди. Не знам, можеби „СЈО“ ќе пропадне, можеби и Катица некако ќе пропадне, а може и тие ќе „цепаат“ милиони? Осум милиони, пет милиони или 1,5 милиони? Небитно, милиони си се милиони.
Преземено од Фејсбук