Модниот дизајнер Игор Марков ја претстави новата пролетна колекција, преку фотосесија во која дизајнерските парчиња ги носи моделот Катарина Ивановска. Колекцијата ја подготвувал четири месеци има седум целосни аутфити, а колекцијата има нешто помалку од 20 парчиња.
„Асортиманот го сочинуваат фустани, кошули, панталони и мантил кои се лесни за комбинирање и со секојдневната гардероба којашто секоја една жена девојка ја поседува, а сепак ќе бидат акцент на аутфитот. Она што секогаш го имам на ум кога креирам е самите парчиња во рамките на колекцијата лесно да се комбинираат едни со други“, раскажа Марков за Репортер.
Слабост му е свилата, но и свилениот сатен. Од познатите личности со кои соработува, слабост пак му е топ моделот Катарина Ивановска со која соработува веќе неколку години. Вели дека се познаваат десетина години. И покрај тоа што соработуваат професионално, тие и приватно се блиски.
„Ние сме многу блиски пријатели. Јас сум и многу благодарен што ја почитува и ја сака мојата работа и што секогаш е расположена да ја промовира и да се фотографира со моите дизајни. Првата наша соработка започна кога таа имаше фотосесија за еден наш магазин за насловна и се договоривме да и направам стајлинг со моите дизајни и оттука понатака и двајцата се пронајдовме. Кога имаш можност да фотографираш со професионален модел како што е Катарина, веќе не помислуваш на ниеден друг“, вели Марков.
Пресудно за секој модел е да ја разбере идејата и визијата на дизајнерот кој треба да го претставува.
„Кога ќе го разбере тоа треба да биде доволно камелеон за да ја канализира. Пресудно е да има и некаква актерска способност, покрај тоа нешто што е неизбежно е самодовербата и однесувањето пред камера. Кога станува збор за модел не постои простор за непријатност и срам пред камера“, кажа Марков.
Покрај со Катарина Ивановска, Марков неодамна имаше и свое авторско дизајнерско парче за Тамара Тодевска во нејзиниот нов спот „Нијагара“.
„Градот наш не е многу голем. Со Тамара се познаваме од ресторани, кафулиња, барови, дискотеки. Тамара покажа интерес за соработка, меѓутоа јас во моментот не бев во можност, но по некое време се искоординираме да соработуваме на нејзина песна и спот „Порок“. Јас направив дизајни и стајлинзи за тој спот и бев задолжен за естетскиот дел од истиот, така што тука започна нашата соработка. Потоа за неколку важни настани ми се обрати, како што беше претставувањето на Макфест и последно е спотот „Нијагара“ за што го работев стајлингот. Овој пат само со еден авторски аутфит со мој дизајнерски потпис“, рече модниот дизајнер Игор Марков.
Повеќе за модната приказна на Игор Марков може да погледнете во видеото. Како од мејкап артист стана моден дизајнер, колку има време да дизајнира за себе си, како приватно се облекува, кој моден дизајнер му е урнек, дали може во Македонија да се живее како моден дизајнер и кои се советите на Марков за матурантките, повеќе во видеото.