Каролина Гочева деновиве била жртва на сајбер измама. Имено, изработен е нејзин лажен профил на социјалните мрежи од засега непознати сторители, а истиот тргнале да го користат за заработка на пари преку непостоечка наградна игра.
Во неа Каролина со име и презиме и лик е грубо искористена за да се манипулира со нејзината популарност, а во исто време како божемно заштитно лице или инфлуенсер, да се намамат нејзините и не само нејзини следбеници, туку сите корисници на социјалните мрежи воопшто, да „влетаат во стапицата“, во која и тие ќе бидат измамени, а на нивна сметка „сајбер арамиите“ ќе дојдат до богата заработка.
Каролина на својот Инстаграм профил ја предупреди јавноста дека се работи за лага и класична злоупотреба и ги замолила сите што ќе налетаат на лажниот профил да пратат рапорт.
Уплашени од можните последици откако биле откриени, „творците на измамата“ набрзина го избришале лажниот профил, па истиот повеќе не постои.