Бугарскиот министер за одбрана и вице премиер Красимир Каракачанов на својот Фејсбук профил објави пост во кој тврди дека дедото на Никола Груевски, Михаил Мијалков од Штип, бабата на Радмила Шекеринска, Ратка Шекеринова биле почитувани Бугари од Штип.
„Ќе спомнам само дека меѓу основачите на бугарскиот Акционен комитет во Штип е познатиот бугарски патриот Михаил Мијалков, за кого што верувам дека Груевски и неговиот братучед го познаваат добро, бидејќи тој е нивниот сопствен дедо. Во суштина не само што Мијалков се самоопределувал како Бугарин, туку согласно Уставот на Акциониот комитет, работел за „развој на здрав бугарски национализам“, „обединување на сите Бугари во една голема Бугарија“ и „за борба против непријателските елементи на бугарштината.“ Интересно е да се забележи дека дедото на Груевски помогнал неговата сограѓанка Ратка Шекеринова да добие бугарска државна пензија „за заслуга кон бугарштината“ како сопруга на убиенот од Србите неколку години порано „виден бугарскии деец“ Александар Шекеринов. Тоа се разбира се бабата и дедото на мојата почитувана колешка Радмила Шекеринска, министерка за одбрана на Република Северна Македонија. Дедото на Груевски и бабата на Шекеринска тогаш биле најдостојните Бугари во Штип. Заради својата безрезервна преданост кон бугарштината во Македонија, тие ја заслужуваат нашата почит и денеска“, пишува Каракачанов.
Во својот пост Каракачанов тврди дека Груевски не го бидува за историски анализи како што не го бидува и за политика, бидејќи сите виделе како неговата кариера завршила во еден гепек. Според Каракачанов, неславно завршил и обидот на Груевски да го украде името на ВМРО, фалсификувајќи ги идеалите и историјата на Организацијата.
„Неговото ДПМНЕ не е ВМРО. Од ВМРО, српска и руска свирка не бидува и никогаш нема да стане. ВМРО била и секогаш ќе остане најбугарската кауза“, пишува Каракачанов.