По четири часа од пријавата МВР сеуште утврдува дали се работи за рачна или школска бомба, која беше пронајдена на паркинг зад средното уметничко училиште Лазар Личеноски.
Извори од МВР за ТВ24 велат дека направата која наликува на рачна бомба била поставена до бел автомобил, марка „порше” со скопски регистарски таблички. Ова се случува на само неколку метри од зградата во која живее Ратко Капушевски, поранешниот директор на СЦ „Борис Трајковски“ и своевремено директор на „СИС Инвест Груп” на рускиот магнат Сергеј Самсоненко.
„Јас уште во јануари имам добиено неколку закани, кои ги споменав и пред обвинител во една постапка во која бев викнат да дадам исказ. Тоа се неколку лица од кои едниот е во бегство и заканите стивнаа во период кога почна процесуирањето на некои постапки по кривични пријави. Но, денешниот настан, не можам да го коментирам и не можам да тврдам со сигурност за што се работи“ – вели Капушевски за ТВ24.
Инаку, ова не е прв случај кој се поврзува како предупредување до Ратко Капушевски кој сега се занимава со трговија.