Ако во редовна постапка добивањето на дозвола за категоријата Б чини близу 500 евра, кандидатите плаќаат уште по стотици евра за неколкукратното полагање на градското возење, кое чини по 70 евра.
Правничката Небије Заимовска во Утрински брифинг ја раскажа својата лична приказна околу полагањето на возачки испит.
-Поднесов до Обвинителство барање за покренување на обвинение. Станува збор за општо позната работа во Македонија. Малтретирањата на кандидатите им се прават во делот на полагање на „градска“. Мене и инструкторот психички ме спремаше дека од прв или втор пат нема да положам. Значи одиш на испит за да паѓаш. Првпат ми се случува во животот такво нешто. Отидов трет пат и очекував да го поминам испитот. Но ни трет, ни четврт, ниту петти пат не поминав. Вистината за успешно положен кандидат стои зад камерите. Лично ми се случи, последниот пат кога бев влезена на испит, осетив како комисијата ми кочи на дуплите педали. Мислам дека таа Комисија е обучена на некои специфични „финти“, знаат точно каде да ги однесат и на кој начин да ги паѓаат кандидатите.
Таа вели дека во поднесокот до Обвинителството прво бара да се утврди психичко малтретирање.
-Се обратив и кај автошкола „Селика“ каде газдарицата ми вели – да беше мој кандидат јас ти гарантирам дека ова ќе го решевме со втор, трет пат, но веќе е касно, барај си го чарето, јас не можам да те земам како кандидат кај мене. Кога ми рече „барај си го чарето“ мене не ми остана ништо друго и ја земав целата храброст и се обратив до „Алсат“, ги ставив на судење пред јавноста. Јас тој суд го имам добиено, тоа е света пресуда за мене, бидејќи има многу коментари кои само ја потврдуваат мојата изјава, – вели Заимовска и додава:
-Моето ниво на образование и висока свест не ми дозволи „чарето да го барам на друго место“. Има еден член во законот кој вели дека за општо позната работа не треба да се достави доказ. Мислам дека обвинителството само врз основа на искази, изјави од сведоци може да донесе кристално чиста одлука.