Голем број на луѓе патуваат и ги посетуваат познатите светски туристички дестинации, кои од најразлични причини привлекуваат милиони туристи годишно. Вкусовите се различни и варираат од човек до човек. За некого прошетката од по десниот брег на реката Темза и прекрасниот поглед што од таму се пружа накај зградата на Британскиот парламент, часовникот „Биг Бен“ и мостот „Тауер бриџ“ може да биде најромантичната глетка во животот. Но, секој не го доживува Лондон на ист начин. За некого Парламентот и часовникот се симбол на британскиот империјализам и асоцијација на силата која милиони луѓе низ светот со векови ги експлоатирала и ги држела во крајна беда и мизерија. А „Тауер бриџ“ и онака во минатото служел како затвор, за да сега претставува некаков симбол на романтика.
Други луѓе ќе ви се заколнат дека чувство на апсолутна возвишеност можете да добиете само додека чекорите покрај реката Сена во правецот кон „Ајфеловата кула“ и „Триумфалната порта“. Париз е градот на светлоста и вистински магнет за уметничките души од целиот свет. Нормално дека има и такви што ќе ви кажат дека портата е само еден злокобен потсетник на наполеоновите авантури и крвопролевањето од неговите воени кампањи по Европа. „Ајфеловата кула“ иако е веројатно напознатата градба во светот, сепак за многумина е врв на кичот и невкусот.
Истото што важи за Лондон и Париз би можело да се употреби и за Венеција, Фиренца, Рим, Париз, Виена и Будимпешта. Особено за Будимпешта. Но, да се задржиме на темата.
Вкусовите и перцепцијата се различни и не се универзални или апсолутни. Освен во еден случај.
Тој единствен случај кога не може се пронајде никаква маана на некој туристички трејдмарк, неодамна ми беше предочен. Имено, еден мој почитуван и драг колега ми раскажа дека пред 20 години бил во Бангког, каде уплатил крстосување во градската мрежа од канали. Водичот на туристите постојано им објаснувал каде се наоѓаат и какви сè поменици можат да видат при крстосувањето, кога наеднаш им посочил дека минуваат низ каналот на Емануела. Да, Емануела?! Всушност, тоа значело дека токму на тој канал е снимена една од сцените на петте продолженија од култниот еротски филм „Емануела“. Баш на тоа место поминала славната Силвија Кристл, упатувајќи се чинам кон балетското студио каде се случи толку пати премотуваната средба со црномурестиот инструктор по танц или можеби беше онаа славна партија на сквош кога таа баш добро се запоти или пак сцената со масажата…ух…сепак да останеме на темата.
Поентата ми е во тоа дека на каналот на Емануела не може да му се пронајде ниту еден минус. Едноставно нема маана. Не е тоа рецидив од некое империјалистичко минато или некаков симбол на некоја државна творба која е окарактеризирана како „зандана на народите“. Каналот е автентичен потсетник на љубовта, убавината и уметноста.
Токму такво нешто ни е потребно и во нашето Скопје, кое има река, мостови, порти, тврдина, цркви, џамии и музеи. Па по некое непишано, но почитувано правило токму од тоа место да стартуваат сите политички кампањи и во знакот на љубовта, уметноста и убавината да почне политичката борба.
Еве предлагам претседателските кандидати, кои во моментов се сведуваат на Влатко Ѓорчев и уште неколкумина недоискажани но силно мотивирани претенденти, на еден час пред почетокот на кампањата да се најдат на „Јунфер брдо“ во градскиот парк во Скопје. Можеби баш тоа место, кое е нем сведок на безброј започнати врски и одземени невиности, би можело да претставува некаква замена за каналот. Можеби понесени од духот на силните воздишки и запомагања, кои се вткаени и во најситното камче од брдото, ќе им помогнат да се однесуваат релаксирано, отмено е цивилизирано. Можеби тогаш победникот нема да ликува на прославата, а поразениот достоинствено ќе му честита. Можеби само во тој случај, победниците нема да слават како после битка, а поразените да се чувствуваат како после масакр. Токму таму кандидатите да дадат заклетва дека ќе се однесуваат фер и дека ќе имаат добри намери.
Јасно ми е дека „Јунфер брдо“ за каналот на Емануела е всушност каналот на Емануела за сиромашни, но мора од некаде да се почне.
(Преземено од Фејсбук)