Колку земји во светот можат да се гордеат со фактот дека во две години, успеале да триумфираат во борбата со најголемите војски на сите времиња? Без да гуглам и со фраерски левел на самодоверба ќе кажам – само една!
Имаме примери во историјата кога една мала и зафрлена земја ќе победи некаква голема сила, ама две големи сили, пардон најголеми, тоа не им пошло ниту на Саксонците кои успевајќи да триумфираат во битката со викингшките освојувачи, четири дена подоцна се до нога поразени од норманските витези предводени од Вилијам Копилето.
Но, тоа не им се случи на храбрите Македонци.
Таму некаде лани, хаварија доживеа воената машинерија на НАТО пактот. Организирани во герилски единици, Македонците наместо да гласаат на референдумот, на кое покрај промената на името се одлучуваше и за членството на земјата во НАТО, тие правеа ајвар. Тоа старо и автохтоно оружје, мислам на ајварот, пред кое ниту САД, ниту пак сојузниците не можеа да најдат одговор. Референдумот пропадна, а пропаднаа и надежите на Алијансата за брза и одлучувачка победа во Македонија. Покрај овој триумф и победата на српските витези на Газиместан, се чини како пораз.
Тогаш храбрите Македонци говореа дека со ајвар го собориле НАТО.
Точно дека Македонија и покрај одлучувачката победа е на добар пат да стане членка на Северно-атланската воена алијанса, но тоа е само еден показател повеќе за нашата вродена карактеристика, на послабиот и победениот да му ја пружиме раката на помирување.
Една година подоцна, нова империјална сила се обиде да го наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Двајца агенти од ноторниот оддел на КГБ за хумор и сатира, имаа апокалиптичен план да ја разнебитат земјава. Агентите, кои за себе тврдат дека се комичари, да не речам пранкстери, лажно му се претставиле на премиерот Зоран Заев дека се Петро Порошенко, односно Јенс Столтенберг. Три пати разговарале со нашиот искрен и наивен од добрина премиер, за да на крајот од чиста злоба ги објават јавно снимените разговори. И тогаш кога сите помислија дека е дојден крајот, односно дека планот за разнебитување на Македонија вродил со плод, се случи токму спротивното.
Генијалниот план започна со игнорирање на проблемот, за да таму некаде на пладне премиерот реши да излезе пред новинарите и да се извини за глупоста. Само неколку минути подоцна од разни страни започна канонадата од соопштенија, анализи и коментари, каде недвосмислено беше докажано дека двајцата комичари едноставно мора да се агенти на Русија и дека ова е смислен напад врз слободата на нашиот напатен народ, нашата самостојност и идентитет. Но, тоа што е најбитно, покрај тоа што беше детектиран нападот, јасно и одлучно беше прогласена кристално чиста победа во битката со силите на окупаторот.
Можеби ќе станам досаден, но мора да повторам дека ова е историски преседан. Се случувало и претходно во некоја викојебина да страда нечија голема војска, но двете најголеми евер и тоа година за година, никогаш во историјата.
Да, тоа им успеа само на храбрите Македонци.
– Сметам дека овие пранкови или фејк перформанси претставуваат приватни работи, не се акт од Руската Федерација и не смеат ваквите работи да се испречат пред нашите пријателски односи. Соработката со Руската Федерација е една од нашите цели, зајакнување на таа соработка на економски и на секаков план – оваа изјава ја даде самиот војвода Заев и тоа два дена по одлучувачката битка на Гази Сместан.
Можеби некој ќе остане збунет од неговите зборови, а секако дека хероите ќе се најдат и навредени бидејќи тие цело попладне поминаа во пишување статуси на Фејсбук бранејќи ја каузата, наместо да се ладат во грчките одмаралишта. Но, ќе повторам на нашата вродена карактеристика, на послабиот и победениот да му ја пружиме раката на помирување. Така беше со НАТО, така ќе биде и со Русија.
преземено од Фејсбук