Деновиве во Македонија температурите се под нулата. Многу луѓе често знаат да кажат дека навистина мразат да излегуваат од дома и дека мора да се облекуваат слоевито за да не смрзнуваат од студот. Но, тоа е само пет до десет степени под нулата. Можете ли да замислите да живеете на -45 степени? Толку е измерено денеска во Јакутск, најстудениот град во светот.
Тамошните просечни температури во јануари изнесуваат -50 степени, а најниската температура која некогаш била измерена во овој руски град е -71.
Јануари е најладниот месец во Јакутск, а жителите на овој град преземаат дополнителни мери за да се заштитат. Меѓутоа, воздухот е толку ладен поради што замрзнувањето претставува константна опасност.
Како луѓето живеат?
Како луѓето воопшто ја поднесуваат таквата температура? Имено, нивните домови се добро изолирани, опремени со специјални системи за греење, а облеката која ги штити од ладното станала неизоставен дел од нивниот живот.
За да се заштитат од студенилото, жителите на Јакутск немаат само една туку неретко и три излезени врати од зградите, како и теписи на надворешните скали затоа што улиците се смрзнати и лизгави.
Во селото Ојмјакон се живее без канализација затоа што цевките замрзнуваат, па тоалетите главно се наоѓаат надвор од куќите.
Замрзнуваат и мобилните телефони, а оние кои немаат греење автомобилите не ги гасат во текот на вечерта за сабајле да можат да возат.
Јакутск има околу 355.500 жители, а луѓето претежно се занимаваат со сточарство и риболов.
Во градот којшто се наоѓа околу 450 километри јужно од арктичкиот круг тлото е ладно дури и во текот на летото, кога температурите можат да достигнат и 30 степени или повеќе.
Тлото никогаш не одмрзнува. Но, интересно е тоа што во Јакутск налето има многу комарци затоа што лежи на реката Лена.