Неуспехот е дел од сечиј живот. Некогаш ве преплавуваат негативни мисли и се опседнувате со она што сте го погрешиле и во тие моменти потребен ви е излез. Прашањето е како да си ја вратите самодовербата кога се наоѓате во таква состојба?
Можеби ќе ви помогнат следниве неколку совети.
1. Најдете го позитивното
Ова е веројатно најчестиот совет што ќе го добиете од родителите – погледни на позитивната страна. Вистина, неуспехот од некоја причина многу подолго останува во мислите на човекот, но вие ги имате средствата за да го смените тоа. Принципот е едноставен – сменете го начинот на размислување. Наместо целата енергија да ја насочите кон неуспехот, помислете на работите што ги имате и бидете благодарни за нив. Семејство што ве бодри кога сте паднале долу, пријатели кои се тука да ве поддржат, доброто здравје… сигурно има многу позитивни работи во вашиот живот. Поставете си задача да ги најдете и на тој начин да застанете на нозе. А ако сте премногу потиштени, обратете се кај најдрагите, тие на поинаков начин ги гледаат работите и многу пати можат да ви ги отворат очите за работи што ви се пред носот.
2. Направете листа на достигнувањата
Во ред, сте доживеале неуспех. Познатиот авантурист и експерт за преживување во дивината, Бер Грилс, моментите кога сте доживеале неуспех или сте во неволја ги формулира преку следнава мисла:
„Се наоѓате во неволја. Па, не сте први, а сигурно нема да бидете ни последни, затоа имајте верба и зачувајте ја надежта. Дали ќе преживеете или не во голема мера зависи од вас – од вашиот став и постапки.“
Што можете да направите? Добро потсетете се што успеавте да сторите досега. Со сигурност имате достигнувања зад себе. Немојте да бидете лажно скромни кога имате проблеми со самодовербата. Јасно посочете си ги за себе работите што сте успеале да ги остварите досега. Зарем мислите дека во иднина ве очекува само неуспех? Грешите. Онаа личност што ги достигнала сите оние работи во минатото е тука и повторно ќе си го најде местото.
3. Во најголем дел, работите зависат од вас
Секогаш ќе има некој што е подобар од вас, што сосема нефер има подобри карти во животот и се родил со предност. Вие можете до бескрај да се измачувате себеси со тие мисли, но тоа нема да се промени. Е сега, вам ви преостанува следново – да ги земете работите што ви се доделени вас и да го извадите најдоброто од нив. Доколку сте талентирани во некоја работа, а не ве ценат и поради тоа веќе и немате самодоверба, време е за менување на средината. Ако сте во отровна врска во која сте сте несреќни, време е да ставите крај. Никој не е семоќен, па така ќе се соочите со работи врз кои нема да можете да влијаете, но никогаш немојте да бидете пасивни за работи кои зависат исклучиво од вас. Вие сте на потег.
4. Другите нека ви послужат како пример
Доживеавте неуспех и мислите дека е крај на светот? Дури и најуспешните луѓе имаат бројни приказни за своите неуспешни обиди. Прочитајте ги нивните животни приказни и ќе видите дека животот е исполнет со сопки, никој нема идеална патека.