Персонален фитнес и кондиционен тренер Душан Проковиќ
Во нашата средина најчесто поставувани прашањата се: “Како да почнам да вежбам?” „Ќе ми биде ли тешко ако вежбам?” “Страв ми е да не се повредам” “Си го ризикувам ли здравјето?” “Колку време ќе ми треба да ги постигнам посакуваните цел?“, “Немам доволно слободно време“ итн.
Поставувањето на многу прашања е сосема нормално и очекувано за оние кои прв пат почнуваат со вежбање, а често пати и кај оние кои вежбаат повремено. Во истраживањата како компонента се издвојува “Слабото менаџирање, раководење и планирање на сопственото слободно време“. Слободното време кај нас најчесто е во корелација со попладневна дремка, гледање некоја серија и сл, додека кај малку потемпераментните е забавата после работа, односно, “after work party“.
Фитнесот или рекреативниот тренинг, вежбањето во поразвиениот свет од страна на населенито е перципирано во основа како начин да го одржат или подобрат сопственото здравје во функција на подобрување на расположението, општата физичка кондиција, работната способност и продуктивност, подобрување на социјалната компонента и тн.
Поставувањето на бариери од типот ќе ми биде ли тешко, колку време ќе ми треба и сл. се контрапродуктивни. За оние кои вежбањето им е почетничко, важно е да не брзате, резултатите доаѓаат споро, за 2-3 или 6 месеци резултатите се скоро невидливи, мали незначителни, односно не може да се каже дека имаме некаква посериозна промена. Но, не се разочарувајте ако процесот оди споро, не се откажувајте.
Како да се почне ?
Препорачувам, за почеток, стартувајте од вашето слободно време надвор од работните обврски, пронајдете два слободни часа во неделата од понеделник до петок, прашајте или консултирајте пријател за тоа каде да почнете да вежбате, не мора да биде салата блиску до вашето место на живеење. Прашајте за условите, консултирајте се со тренер , видете што ви е потребно, и почнете да вежбате, со што ќе направите позитивна промена во вашиот живот.
Доколку работите со тренер дефинирајте ја вашата цел, динамика на работа и видот на тренингот. Вежбајте доволно долго па проверете што сте постигнале, оценете во кој правец се движите со вежбањето, и продолжите, откажување нема. Понатаму, зголемете го вашиот ангажман, дополнително ангажирајте тренер , вежбајте минимум 4 пати неделно, па полека зголемете и до 5 и 6 пати во неделата, со што ќе влезете во категоријата на активен вежбач. Повторно проверете до каде сте, што сте постигнале и продолжете, откажување нема. Во оваа фаза почнете да ја регулирате вашата исхрана , воведете додатоци во исхраната, почнете полека да ги достигнувате оние работи кои предходно ви биле недостижни и далеку од вас.
Не се плашете, не можете да се повредите ако работите правилно, затоа тренерот е тука за вас. Кога првпат почнувате со тренинг нормално е да ви биде тешко, немате кондиција , немате техника, почетните тренинзи се пократки, паузата помеѓу тренинзите поголема, но како поминува времето сето горе споменато полека ќе исчезнува, кондицијата ќе биде на повисоко ниво, техниката подобра, тренинзите подолги и поисполнети со вежби и содржини, поредовно ќе тренирате и нема да ви биде воопшто тешко и проблематично, напротив ќе ви биде забавно.
И за крај, кога веќе сте почнале, бидете редовни, не пропуштајте тренинзи, не се ограничувајте, слушајте го тренерот, вежбајте додека можете, откажување нема, резултатите доаѓаат.