103-годишниот Пакистанецот АЗИЗ Абдул Алим ја прими втората доза на вакцината Синофарм против ковид на 24. април. Тој е среќен што може да каже дека засега нема несакани ефекти.
– Ако стогодишник како мене може да се чувствува совршено добро, секој треба да има храброст да се вакцинира. Нема причина некој да не се вакцинира – посочил тој, пренесе Npr.org.
Неговиот ентузијазам значи многу во Пакистан, каде неодамнешна анкета покажа дека скоро 50. проценти од 1.000 испитаници не сакаат да се вакцинираат против ковид од страв од несакани ефекти.
Алим, исто така, го преживеал и ковидот. Минатиот јули, тој станал најстарата личност во светот што ја преживеа злобната болест. Откако му се слошило, тој бил примен во болницата Ага Кан во Буни на две недели, а по негативниот тест бил пуштен дома.
Еден од тамошните лекари, д-р Зухур Шамир, рекол дека Алим бил прибран и невознемирен поради неговата болест и дека тој бил пример на сила и храброст. Веста за развојот на вакцината „Ковид“ го исполнила со надеж.
– Кога слушнав за вакцината, ми олесна. Сакав придобивка од тоа што е можно поскоро. Бев уморен од живеење во изолација. Сакав да запознаам луѓе и да разговарам со нив – вели Алим.
Како и милиони други, Алим имал ограничени контакти со луѓе, но поради ограничувањата, вели тој, се чувствувал „клаустрофобичен“, што било полошо за него отколку кога се разболел со ковид.
– Не можев да се среќавам со луѓе. Немав други активности. Ја преживеав оваа смртоносна болест без страв, но времето што го поминав изолирано ми беше многу тешко. Единствената активност за човек како мене, од планините, е дружење со семејството и соседите – посочил тој.
Постојано бил под стрес поради неговото здравје.
– Негативните мисли ми се вртеа во главата – што ако повторно се заразам? – се сеќава тој.
Алим вели дека и зборовите на неговиот свештеник го охрабрувале да се вакцинира.
– Јас не сум образован и не разбирам многу, но тој ни рече дека е вакциниран против ковид и им препорача на сите да го сторат истото – вели тој.
Сега, кога е целосно вакциниран, Алим се надева дека ќе го обнови својот социјален живот.
– Се чувствувам како да ми ги тргнаа синџирите сега. Повторно се чувствувам жив. Мојот страв го нема. Целото мое семејство е вакцинирано. Ги охрабрувам сите да се вакцинираат – рече Алим, кој може да се радува на прославата на муслиманскиот верски фестивал Курбан Бајрам следната недела.