ОВЕН
Претворете се во предизвик ако сакате да го освоите овенот. Личностите родени во овој знак ја сакаат возбудата која им ја дава „ловот“ и лесно губат интерес за она кое можат да го добијат без многу напор. Привлечете му го вниманието, а потоа вклучете ја опцијата „недостапни“. Кога ќе ви пријде, не паѓајте брзо во неговите раце. Натерајте го да верува дека не сте го забележале. Бидете тешки за освојување.
Овните веруваат дека животот е премногу краток за да се помине со неинтересни личности, па постојано изненадувајте го со нови идеи за авантури и теми за разговор. Клучот кон срцето на овенот е да бидете отворени за новитети. Поканете го во ресторан кој неодамна се отворил, згответе егзотичен специјалитет, дајте му предлог да посетите невообичаено место. Бидете самоуверени и не се плашете да му се спротивставите на овој „љубител на неочекуваното“. Интересните дебати се силен афродизијак за лидерот на хороскопот.
Овенот ја сака едноставноста и личностите кои се однесуваат природно, а е и обожавател на добрата смисла за хумор и комплиментите. Пријателите се многу важни за него и тој секогаш го цени нивното мислење, па освен него, стремете се да ги освоите и неговите пријатели.
БИК
Истакнете ги кулинарските вештини, ставете го омилениот парфем и покажете ја својата женственост за да го заведете љубителот на елеганцијата и добрите манири. Биковите можеби најлесно паѓаат на нежности и комплименти. Тие не ги сакаат нападните личности и оние кои се обидуваат да ги избрзаат. За да освоите претставник на овој знак, потребно е да се наоружате со железно трпение и да се подготвите за бавно возење.
На биковите им оставаат силен впечаток личностите кои се практични, знаат да ги менаџираат парите и се доверливи. Не заборавајте да му подарите нешто, независно дали е за неговиот роденден или Св. Валентин, или пак, без некој посебен повод. Родените во овој знак ги обожаваат подароците.
Биковите сакаат личности со префинет вкус, кои ценат добра музика, добар филм и се обожаватели на уметноста. Физичкиот изглед (стилот на облекување, шминката и фризурата) е многу важен за биковите, но не е поважен од страста кон добрата храна. Патот до срцето на бикот навистина минува низ неговиот стомак. Благодарение на Венера, нивната планета владетел, биковите имаат изострени сетила, па слободно можат да се наречат „сензуалисти на хороскопот“. Искористете атрактивен парфем, гурмански специјалитет, црвено вино и привлечна облека за да стигнете до неговото срце.
БЛИЗНАЦИ
Патот до срцето на близнаците минува низ главата. За да ги заведете комуникативните близнаци потребно е не само да бидете информирани и елоквентни, туку и да имате способност да го стимулирате нивниот ум. Длабоките разговори им делуваат како афродизијак. Тие можат да поминат часови дискутирајќи на разноразни теми, но ако разговорите замрат, тие може инстантно да исчезнат. Никогаш не влегувајте во улогата на сезнајко, а секогаш бидете подготвени да понудите внимателно уво, бидејќи близнаците обожаваат да зборуваат.
Не откривајте сè за себе пред овој знак, обвијте се во мистерија и претставете ја својата комплексна природа. Искористете ја нивната страст кон учењето и откривањето на нови нешта за да ги интригирате. Бидете спонтани и постојано дофрлувајте нешто што ќе ја буди нивната љубопитност. Како личности кои ја ценат добрата смисла за хумор, близнаците лесно можете да ги освоите смеејќи се на нивните шеги и игриво дофрлајќи остроумни коментари.
Близнаците обожаваат да експериментираат, па сè што е ново ги усреќува. Тие сакаат покрај себе да имаат некој кој ќе го споделува нивниот ентузијазам. Бидете подготвени за авантури во спалната ако личноста која сте ја избрале за иден партнер е родена во овој знак.