Како да се снимаше сцена од акционен филм на автопатот Гевгелија – Скопје, при што се повредени 33 мигранти. Имено, комбето во кое биле превезувани мигрантите било следено од полиција, по што возачот го забележал тоа, се префрлил на совозачкото седиште, скокнал на автопат, оставајќи го комбето полно со мигранти, меѓу кои и деца да се преврти во провалија.
„Според првичните информации, возачот, 24-годишен велешанец, ги превезувал мигрантите во комбе марка „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки во сопственост на лице од Арачиново. Движејќи се на автопат од Гевгелија во правец кон Скопје, возачот забележал дека е следен од полициски службеници. Во обид да побегне, тој се префрлил на совозачкото седиште, ја отворил вратата и скокнал на автопатот додека возилото се движело. По инерција комбето продолжило да се движи следните 40 метри, а потоа се превртило и паднало во провалија со длабочина од 14 метри. Во несреќата со повреди се здобиле сите 33 патници мигранти, меѓу кои неколкумина се малолетници. Повредените, од кои дел со особено тешки повреди, се пренесени со медицински екипи во најблиските здравствени установи во Неготино и Кавадарци.
Возачот кој откако скокнал од возилото паднал во провалија се здобил со тешки телесни повреди и поради нивната сериозност е пренесен на скопските клиники.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци во континуитет ги презема потребните дејствија за целосно расчистување на настанот“, велат од Јавното обвнителство.