Од денес (четврток) сите граѓани, освен оние кои спортуваат на отворено, децата под 6 години и некои други исклучоци, ќе мора да носат маски и на отворено. Покрај задолжително носењето маска на отворено, задолжителна е самоизолацијата на оние кои чекаат тест за коронавирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието.
Носењето маска на отворено нема да важи: при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично), при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице или лица со кои живее во заедница, потоа при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице или лица со кои заедно живеат, маска на отворено нема да се носи ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место, натаму ако лицето е помладо од 6 годишна возраст и ако лицето има специфична здравствена состојба (лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој), поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично.
Не треба да се носат маски во кафеани во кои се воспоставени и се почитуваат специфични протоколи за заштита, како растојание и дезинфекција.
За непочитување на мерката за задолжително носење на маска казната изнесува 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести што вечерва го усвои парламентот.