– Нема да може да се слави Нова Година во казината и обложувалниците, – вели министерот за економија Крашник Бектеши, по реакциите во јавноста за нефер однос и третман кон угостителите, кои од петок ќе може да работат само до 18:00 часот.
– Не сум информиран колку кладилници и обложувалници внатре во нивните објекти имаат и угостителство, но секако дека тие што имаат во нивен склоп услуги во делот на угостителството ќе треба да ги почитуваат мерките и нема да можат да работат во делот на угостителството, изјави Бектеши.
Инаку, Владата синоќа донесе измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од КОВИД-19, според кои се ограничува работата на угостителските објекти наместо до 21 часот да биде до 18 часот, освен за угостителските објекти кои остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн нарачки, телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект.