Ден по големото славје по победата на македонската фудбалска репрезентација против Германија, преку својот Фејсбук профил се огласи сопругата на селекторот Игор Ангеловски, Тања која се бори со коронавирусот. Таа преку емотивна порака им ја честиташе победата на репрезентативците.
„Сакам да ви ја честитам победата над четирикратниот светски шампион Германија. Две децении без пораз, и таа серија Македонија за да ја скрши, почит. Во овие квалификации постигнaти девет гола СЕКОЈА ЧЕСТ. Честитки до стручниот штаб, медицинскиот тим и техничкиот персонал на А селекцијата, сите играчи на А селекцијата, некои од нив за овие 5 години пораснаа во очите на Игор Ангеловски од момчиња без брада, тие станаа татковци, тие се горди и храбри, свесни за уникатноста на нивните карактери. Сите овие момци ги предводи капитенот Горан Пандев- неверојатна фигура, далеку пред неговото време. Никогаш нема да ги заборавам овие квалификации и периодот што го поминав заедно со моето семејство. Ковид-19… непоканет гостин кој ти го одзема здивот. Зборовите на мојот сопруг сè уште ми ѕвонат навечер, кога во полусвесна состојба ги добив резултатите од скенирањето на белите дробови и тестовите на крвта. „КАДЕ СИ ТРГНАЛА МАЛЕЧКА, ЈАС СЕ УШТЕ НЕ ЗАВРШИВ СО ТЕБЕ“. Ти благодарам за секој момент поминат заедно со тебе и нашите деца, разбирање и поддршка без оглед на сè. Ти благодарим што ја сакаш мајката на твоите деца”, напиша Тања.
Инаку, селекторот Игор Ангеловски победата против Германија ѝ ја посвети на Тања.