-Штотуку ме информираа дека мојот резултат на тестирањето за ковид-19 е негативен. Иако според проценката на епидемиолозите јас не бев во ризик, сепак одлучив да останам во самоизолација, напиша министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил.
-Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена. Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата. Така ќе биде и во наредната недела.Им благодарам на сите граѓани на поддршката и во оваа прилика уште еднаш потсетувам дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје- напиша Филипче.
Почитувањето на мерките досега дава добри резултати, напиша Филипче, ако останеме доследни на ова и се прилагодиме кон промените, многу побрзо ќе ја надминеме оваа состојба.
Инаку, вечерва и премиерот Оливер Спасовски ги доби резултатите кои покажуваат дека е негативен на коронавирусот.