56-годишната пејачка на Нови фосили, Сања Долежал сеуште го нема преболено кошаркарот Дражен Петровиќ. Приказната која завршила со љубов, во почетокот требало да биде маркетиншки трик за двајцата.
Ги запознал музичкиот менаџер Зоран Шкугор. По неговите совети Сања почнала да оди на натпреварите на Дражен.
„На еден од натпреварите на Цибона фоторепортерите ја снимаа само неа како навива за Дражен. Сите се прашуваа дали Сања и Дражен се заедно, а бидејќи двајцата си се допаднаа еден на друг, започнаа врска која траеше скоро една година. Не се криеја од јавноста. Кога беа слободни шетаа за рака на Штросмаеровото шеталиште или прегрнати на плоштадот. Луѓе им приоѓаа и им велеа дека се прекрасен пар, им посакуваа брак, деца, среќа…“, раскажува Шкугор и додава:
“Дражен беше маѓепсан од Сања. Баш како и таа од него. Беа млади, популарни и слободни. Таа година тие двајца живееја еден за друг. Со товарот на славата двајцата знаеја да се справат. Одлично се разбираа, а за љубомора немаше место. Но одвоеноста го направи своето. Дражен играше низ светот, а Сања имаше и по 200 концерти годишно. Емоциите полека згаснаа, а по една година ја прекинаа врската. Тоа беше во 1986 година,“ се присеќава Шкугор.
„И понатаму останаа блиски. Секогаш кога имаа слободно време се наоѓаа на ручек како пријатели. Останаа во добри односи и многу се почитуваа“, додава тој.
„Беше навистина посебен. Страшно го доживеав неговото заминување. Се сеќавам на нашата последна средба на еден концерт“, се сеќава Сања.
Сања сè уште контактира со мајка му на Дражен, а вели дека песната на „Нови фосили“, „Још те волим“ и е многу мила бидејќи ја потсетува на него.
Инаку, Дражен загина во 1993 година во сообраќајна несреќа во Германија кога имаше само 28 години.