Пандемијата на ковид-19 ги зафати сите аспекти од нашите животи во последните години, а постои постојан страв од заболување, карантин, изолација и потенцијални пост-ковид симптоми. Сепак, некои успешно му бегаат на вирусот веќе две години.
Додека милиони луѓе ширум светот се уште се соочуваат со вирусот, други веќе имаат имунитет, а сè уште има луѓе кои никогаш не биле заразени со вирусот. Новото истражување сугерира дека некои луѓе можеби се поотпорни на ова заболување за разлика од други. Ова се одговорите на најчесто поставуваното реторичко прашање, зошто одредени луѓе не се заразуваат дури и кога се изложени на вирусот?
Не постои официјална причина зошто некои луѓе би можеле да бидат поотпорни на инфекција со Ковид 19 oд други, дури и ако имале близок контакт со заразено лице. Сепак, новата студија, направена неодамна од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) би можела до одреден степен да го расветли ова прашање.
Реакција на “Т-клетките” формирана за време на настинка
Ова може да биде поврзано со реакцијата на нивните Т-клетки – белите крвни зрнца во нашите тела кои ни помагаат да се бориме против инфекциите – и поради претходна изложеност на други вируси, каква што е настинката.
Студијата сугерира дека „Т-клетките“ – кои се формирале кај некои луѓе за време на борбата против настинката – можеби се активираат кога вирусот ќе влезе во телото. Ова им помага на луѓето да го „исчистат“ вирусот од телото пред да направи посериозна штета.
Студијата била спроведена на 730 здравствени работници за време на првиот бран на пандемијата, а резултатите покажале дека 58 од нив не биле позитивни на Ковид-19 и покрај тоа што биле во високоризична средина.
Се смета дека истражувањето би можело да се искористи за да се направат нови вакцини кои се фокусираат на „Т-клетки“ наместо на антитела – и потенцијално би можеле да обезбедат подолготрајна заштита.
Некои луѓе можеби го имале вирусот асимптоматски и не биле свесни за тоа, додека други можеби го „замениле“ со настинка или грип.
Се разбира, кога станува збор за избегнување на инфекција со Ковид-19, во игра влегуваат и други фактори какви што се носење маски во јавниот превоз, ограничување на социјалните контакти, редовно миење раце и вакцинација.
„Важно е сите да направиме сè што можеме за да се заштитиме себеси и другите“, соопшти Националната управа за јавно здравје на Велика Британија.
Ако развиете симптоми кои би можеле да укажуваат на ковид-19, секогаш треба да направите ПЦР тест и да се изолирате додека не го дознаете резултатот.
Официјалните симптоми според Британскиот институт се континуирана кашлица, треска и губење на вкус и/или мирис, а се наведува дека симптомите на омикрон вклучуваат сува кашлица, болки во грлото, ноќно потење, блага мускулна болка и замор.