Одбојкарската репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на Европското првенство откако со 1-3 во сетови (24-26, 28-30, 25-19, 24-26) го совлада домаќинот Словенија, со што дојде до најважниот триумф и со шанси за пласман во наредната рунда. Нашите одбојкари го одиграа најдобриот натпревар на овој континентален собир, а посебно се истакнаа во четвртиот сет кога се извлекоа и запишаа херојска победа над домаќинот кој не знаеше за пораз.
Сега ќе чекаме Турција да победи два пати во следните два меча против Белорусија и Финска, па дури потоа да се пласираме во осминафиналето. Во секој случај, Македонија ја оствари целта, дојде до втората победа и до најголемиот успех во историјата на македонската репрезентативна одбојка.