Роберто Буриони е еден од првите италијански научници кои алармираа за епидемијата на коронавирусот, но на почетокот малкумина го слушаа. Сега, тој ја предупредува цела Европа да не ја прави истата грешка.
57-годишниот Буриони, професор по микробиологија на миланскиот Универзитет Сан Рафаеле е најпознатиот италијански виролог: „За жал, уште од времето на Цезар луѓето веруваат во тоа што сакаат да се случи“.
Откако Шпанија, Франција и Австрија тргнаа по стапките на Италија со воведување на драконски мерки и ограничување на движењето на населението, Буриони вели дека сега и цела Европа мора да го направи истото.
„Потребно ни е единство и заеднички пристап. Во спротивно, која е смислата на Европската унија?“, вели италијанскиот професор, додавајќи дека една земја може со остри мерки да го сузбие вирусот, но потоа повторно да стане заразена затоа што соседната земја не го сторила тоа.
Буриони се согласува со изјава на Ангела Меркел дека коронавирусот може да зарази од 60 до 70 проценти од населението.
„Знајте дека ова е нов вирус за кој нема имунитет“, нагласува лекарот.
Тој е запрепастен од одлуката на Велика Британија да дозволи вирусот да се движи слободно низ населението и да ги заштити само најранливите.
“За мене е несфатливо. Да се зборува за ‘имунитет на стадо’ во време кога нема вакцина и кога не знаеме дали заразените ќе добијат имунитет по заздравувањето …тоа е неприфатливо”.
А што е со очекувањата дека потоплото време ќе помогне во спречување на епидемијата?
„Не обложувајте се на тоа. Ние едноставно не знаеме ништо за тоа“, одговара Буриони.
Инаку, пред да го стекне „нели ви реков“ угледот во Италија, овој професор беше позната фигура во земјата во јавната бopбa со противницитe на вaкциниpaњeтo.