Сучата Конгсупачак, тајландска танчерка и јутјуберка попозната како Нати, исчезнала откако била обвинета дека украла околу 50 милиони евра кои обожавателите ги вложиле во нејзината компанија.
Тајландската полиција шпекулира дека таа се крие во Малезија.
Нати има 840.000 следбеници на нејзиниот канал на YouTube, каде што објавува упатства за танцување, пеење и вежбање, додека повеќе од 300.000 луѓе ја следат на Инстаграм. Таа на социјалните мрежи покажува луксузен живот со скапи предмети, а со тоа ги уверила своите следбеници дека таков живот им е достапен и на нив.
Ги поканила да инвестираат во нејзината компанија на девизниот пазар и ветила поврат од 25 или 30 отсто во зависност од должината на договорот.
“Таа објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа нејзиното богатство, луксузни автомобили, чанти, часовници и недвижен имот. Тврдеше дека сè добила со инвестирање во брокерска куќа”, рекол шефот на истрагата против Јутјуберката, Вотан Кетумпаито.
Во април оваа година, Нати им соопштила на своите „инвеститори“ дека „ги изгубила сите пари што ги вложиле поради грешка во тргувањето“. Против неа досега поднеле пријава повеќе од сто лица, а нивниот адвокат изјавил дека само едно лице ѝ платило нешто помалку од 500 илјади евра.