Целосната вакцинација против Ковид-19 не само што го намалува ризикот од инфицирање со вирусот, туку штити и од тоа болеста да се развие во долгорочен Ковид, покажа научно истражување од Кралскиот колеџ во Лондон.
Студијата покажува дека кај малцинството луѓе, кои можат да се заразат со вирусот и покрај примени две дози од вакцината, шансите да развијат долгорочни симптоми од болеста кои траат повеќе од еден месец се намалуваат за 50%, пренесе Би-Би-Си.
Оваа статистика е направена во споредба со лицата кои не се вакцинирани.
Многу луѓе кои имаат Ковид се опоравуваат во рок од четири недели, но некои имаат симптоми кои продолжуваат или се развиваат недели и месеци по првичната инфекција, позната како долгорочен Ковид.
Ова исто така може да се случи со оние кои имале благи симптоми на коронавирус.
Научниците, чиј труд беше објавен во во медицинското списание „Лансет“, велат дека е јасно дека вакцинацијата спасува животи и спречува сериозни заболувања, но влијанието на вакцините врз развивање долготрајна болест беше помалку сигурна.
Анализираните податоци биле собрани преку посебна смартфон апликација преку која се следеле симптомите, вакцините и тестирањата кои испитаниците сами ги пријавувале.
„Ви поглед на товарот од долгорочен Ковид, добра вест е што нашето истражување откри дека ако имате двојна вакцинација значително се намалува ризикот и од добивање на вирусот и од развој на долгорочни симптоми“, вели д-р Клер Стивс, која го предводела истражувањето.