Идните историчари, истите оние што после 150 години ќе го натокмат ликот и делото на Гоце Делчев во светло на македонско-бугарските односи, ќе се нафатат на втората неблагодарна задача, кога ќе треба да утврдат кој е крив за недоделувањето на датумот на Македонија, за отпочнување на преговори за зачленување во Европската Унија.
ЕУ веројатно повеќе нема да функционира, ни НАТО, ниту било каква форма на сојуз која што во моментов ни се чини како незаменлива. Сепак, историчарите ќе мора да ја утврдат вината за датумот, кој да не заборавиме ни беше ветен во драматичните моменти на промената на името.
Секако дека еден помлад колега од тимот на историчари ќе биде задолжен да ги провери и каталогизира објавените информации кои во тој период биле објавувани на македонските портали. Со специјална лозинка доделена од Институтот за археологија, помладниот соработник ќе се логира на тоа нештото што на времето го викале интернет и кое веќе цел век никој не го користи бидејќи е рудиментирана алатка за размена и складирање на информации, па ќе пребарува по датуми. Токму на 24.10.2019 година, историчарот ќе пронајде вистинско богатство од информации, наивно верувајќи дека веќе го решил проблемот.
Прво ќе ја отвори кусата вест, во која се цитира лидерот на тогашната опозиција Христијан Мицкоски, кој тврди дека вината за недобивањето на датумот е исклучиво на владата и премиерот Зоран Заев. Аха, ќе помисли во себе младиот истражувач, значи тогашната власт била виновна. Сепак, водејќи се од златното правило на историјата, тој продолжува да „копа“ по тоа интернетот и веднаш наидува на ново „закопано злато“. Налетува на изјава на Бојко Борисов, поранешен премиер на Бугарија. Борисов, пак, тврди дека вината за датумот е кај македонската опозиција. Бојко кажал дека во Македонија не постои европски конзензус, односно премиерот Заев е за ЕУ, но на истиот пат не се наоѓа и лидерот на опозицијата Мицскоски. Веќе видно збунетиот историчар решава да продолжи понатаму, надевајќи се дека ќе пронајде некој извор кој ќе му го разјасни проблемот. И тогаш налетува на изјавата дадена на некој еврокомесар. Човекот се викал Јоханес Хан и тој многу му е лут на францускиот претседател Емануел Макрон, кој сосема надвор од здравиот разум бил против на Македонија да ѝ биде доделен датум за преговори.
– Хм, кој е овој Макрон сега – си прошепотува во брадата младиот историчар и во истиот момент гледа дека на 24.10.2019 година прес-конференција одржал францускиот амбасадор во Македонија, Кристиан Тимоние.
Тимоние тврди дека вината не е на Макрон, туку на тие што на македонските политичари им ветувале дека датумот е готова работа. Тие упорно тврделе дека со потпишувањето на Преспанскиот договор, европската иднина на Македнија е сигурна. Но договорот со Грција и промената на името, за Франција не биле доволни аргументи, бидејќи не биле спроведени реформи.
Веќе запотен од нервоза историчарот се прикачува на една заборавена алатка Гугл, која на времето била многу популарна меѓу луѓето, каде ги впиша клучните зборови: Макрон, референдум, Македонија. И тогаш го доби неверојатниот резултат. На 21.09.2018 година, под мотото „Европска иднина за Македонија“, истиот тој Макрон ги повикува македонските граѓани да гласаат на референдумот на кој се гласало за промена на државното име.
Немајќи желба да продолжи со истражувањето, историчарот собра храброст да му се јави на својот претпоставен, користејќи го интерфејсот на рожницата во окото, кој му беше вграден уште пред да биде изваден од инкубатор.
– Ало шефе јас не можам повеќе. Сакам да ме префрлиш во меѓународната стручна комисија, која ги утврдува причините за распадот на Југославија.
– Нормален ли си бе ти – изнервирано му одговара претпоставениот – па таму никој не сака да работи.
– Јас сакам шефе, а од утре и ти ќе ми се придружиш – прекинувајќи ја врската младиот историчар ги ископира и форматира пребараните информации, ветувајќи си на себе дека за претпениот стрес ќе се чести со виртуелен викенд на планина.
Преземено од Фејсбук