Филмот „Медена земја“ “(Honeyland) на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов e номиниран во две категории на наградите „Оскар“.Ова е првпат во историјата на македонската кинематографија еден филм да влезе на листата во две категории – за најдобар странски филм и најдобар документарец. Претходно, единствен македонски филм кој добил номинација за „Оскар“ е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје. Во 1980 како југословенски кандидат номинација за „Оскар“ тогаш доби документарец „Дае“ на Столе Попов.
Инаку, “Медена земја“лани победи на американскиот фестивал „Санденс“ и оттогаш филмот имаше неверојатно патување. Следеше импресивна година со освоени голем број награди, номинaција за европски Оскар и блескави критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.
Mинатата недела “Медена земја“ја доби наградата за најдобар документарец која ја доделува најпрестижното американско здружение на критичари, Друштвото на филмски критичари во Њујорк. Котевска и Стефанов се номинирани за најдобра режија од Друштвото на режисери во Америка (ДГА). Изминативе неколку денови филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Националното друштво на филмски критичари и на Друштвото на филмски критичари во Њујорк, а кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата Филмско око за исклучителни достигнувања во кинематографијата.
Годинава доделување на наградата „Оскар“ е закажано на 9 февруари во театарот Долби во Холивуд. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител.