Основното јавно обвинителство во соработка со Министерството за труд и социјална политика сосема случајно го пронајде наједноставниот, најефтиниот и најбрзиот начин за откривање на непознати сторители на кривични дела.
Според феноменалната формула која беше тестирана пред наши очи, обвинителството за само неколку минути го пронајде сторителот, кој работата да стане уште поинтересна самиот се откри.
Во аналите на криминологијата овој единствен случај долго време ќе се проучува како своевиден феномен, за да на крајот биде заведен како „мајка на сите детективски алатки“, додека криминолозите од целиот свет колоквијално ќе го нарекуваат „клучот на вистината“. Ах, а всушност целата постапка е многу едноставна.
По истрагата спроведена во системот на Фондот за пензиско-инвалидско осигурување на Македонија(ПИОМ), утврдено е дека на осум до 12 илјади осигуреници никогаш не им биле одвоени средствата, кои на нивно име требало да бидат месечно префрлани во вториот столб на осигурување. Со тоа осигурениците биле сериозно оштетени.
По завршувањето на истрагата, надлежното Министерството за труд и социјална политика доставува до Основното јавно обвинителство, е токму тука се крие целата тајна на генијалноста, кривична пријава против непознат сторител. Да, непознат сторител!
Значи нема сомнителни сторители, полу сомнителни, знаеш се сомневам во тогашниот министер, директор или референт, не. Непознат сторител е формулата која случајно или не, го даде сензационалниот резултат.
Нема да претераме ако кажеме дека пет минути по објавувањето на оваа информација, се јави еден од замениците на премиерот, кој кажа дека тоа со осигурувањата било грешка и дека ќе го тужи секој медиум кој него или неговата партија ја имплицира во овој случај. Од разбирливи причини нема го кажеме неговото име и да го откриеме името на неговата партија, ама мора да го истакнеме и неговиот сензационален придонес во ова капитално откритие за криминалната форензика. Со ништо не предизвикан, тој излезе пред камерите и кажа дека имало грешка, со што ја потврди успешноста на алатката, кога се поднесува кривична пријава против непознат сторител.
Да беше Шерлок Холмс вистински лик од љубомора ќе се предозираше со хероин, а да го поживееше господ Елиот Нес, ќе поцрвенеше од срам за начинот на кој го напика во затвор Ал Капоне. Да, сите знаеме дека беше за затајување на данок, ама забораваме дека неивентивниот Елиот потроши силни милиони на својот специјален одред „недопирливите“, за да го брка кутриот Ал по улиците на Чикаго, наместо да поднесеше кривична пријава против непознат сторител и готова работа.
По недвојбено огромниот придонес во постапката на криминалната истрага, Македонија наредно ќе треба да пронајде формула и за тоа како да се спроведе судска постапка, во услови кога тоа би можело да ја сруши владеачката коалиција во суштински чуствително време кога земјата ѝ пристапува на НАТО.
И да, можеби треба да се пронајде начин како медиумите да се заштитат од политичарите и нивните закани за тужби, ама ако е премногу не мора.
(Преземено од Фејсбук)