Само година ипол откако дојде Македонија на чекор до пласман на СП, две години од историскиот настап на Еуро 2020, на дело вечерва се виде сета импровизација и комплетниот пад индивидуално и тимски на националниот тим, предводен од селекторот Благоја Милевски, кои сите маани со разно-разни приказни ги ставаа под тепих и ги занемаруваа, за вечерва во Манчестер, „театарот на соништата“ да им се претвори во најголем кошмар и да им ја покаже реалноста како (про)паѓа со незапирлива брзина макеоднскиот национален тим.
Дојде Македонија на Островот со амбиции да го исправи тоа што за пола час во петокот го загуби со Украина, ама на теренот не покажа ништо, ни фудбалски, ни со желба, ни со енергија, ниту со некаква стратегија. Сѐ беше едносмерно за Англичаните, само половина полувреме нешто одолевавме, а кога Хери Кејн прв нѐ начна тргна потопот.
До полувреме Букајо Сака и Маркус Рашфорд погодија уште по еднаш, па младата арсеналова ѕвезда додаде уште два гола во првите шест, а потоа Калвин Филипс и Кеј од пенал нѐ дотолчија, за да стравуваме и да трепериме дали може и двоцифрено да си заминеме од Англија, каде во минатото од две гостувања двапати не загубивме.