Ионел Бојеру бил еден од тројцата луѓе кои ги убиле Никулае Чаушеску и неговата сопруга Елена, на Божиќ 1989-та година. Бојеру тогаш имал 31 година, бил офицер во елитната падобранска единица и се јавил како доброволец за тајната божиќна мисија. Наредбата ја добиле само неколку моменти пред средбата со Чаушеску, кој само ден-два претходно бил апсолутен лидер.
“И денес сум нервозен кога зборувам за тоа. Прекинав два животи. Во војна тоа беше прифатливо, но многу потешко да убиеш невооружени луѓе. Тоа на никого не му го посакувам, иако за мене убивањето луѓе е работа”, рекол Бојеру во 2014-та година.
“Мојот дедо беше свештеник, либерал, поголем дел од животот мина во затвор. Тој беше навистина среќен по тие настани, среќен што режимот падна, среќен што Чаушеску е мртов. Ми кажа: Без грижа, јас на себе ги земам сите твои гревови”, истакнал Бојеру во својата исповед.
Бојеру верува дека баш неговите куршуми ги убиле Чаушеску, бидејќи, кога почнал да пука, видел дека еден од тројцата членови на стрелачкиот вод се скаменил на неколку моменти, а друг заборавил да го стави оружјето на автоматски начин на работа, па успеал да испука само неколку поединечни куршуми.
“Ги застрелав многу брзо. Сметам дека им овозможив да умрат достоинствено”, додава тој.
Инаку, гробот на Чаушеску, официјално, не постои. На гробницата каде се погребани стојат имиња на два генерали со датум на смртта кој одговара на датумот на смртта на брачниот пар Чаушеску.