Новинарката Ели Халивел очекувала посетата на нејзиниот матичен лекар да биде рутинска кога отишла да го земе своето лекарско уверение во април 2016 година.
Австралијката наминала за да се врати на работа, бидејќи неколку дена боледувала од стомачен вирус.
Ели закажала и тест на крвта. Таа разговарала за идејата за основање семејство со нејзиниот сопруг Ник и сакала да провери дали се е во ред.
„Всушност сакав да ги проверам моите нивоа на фолати. Резултатите се вратија и укажаа дека имам високи тромбоцити, што не е невообичаено ако сте го имале вирусот. Мојот доктор не беше загрижен, но сепак направивме уште еден тест. Другиот тест покажа дека тромбоцитите се уште повисоки, па побара од специјалист да погледне. Освен што се чувствував уморена, за кој мислев дека е поради работата, ништо не ме подготви за она што се случи потоа“, вели Ели.
Таа морала да чека пет недели за преглед кај специјалист и уште три недели за резултатите од понатамошното тестирање. Кога конечно пристигнале, таа за прв пат ја слушнала кратенката HML.
„Имам хронична миелоидна леукемија. Тоа влијае на вашата крв и коскена срцевина. Најчесто се дијагностицира кај мажи постари од 60 години. Не кај жени на моја возраст“, рекла таа.
Два дена подоцна, Ели дознала дека е бремена.
„За 48 часа ги добив најдобрите и најлошите вести што можеш да ги слушнеш во животот“, рекла таа.
Вообичаено е пациентите со HML да немаат никакви симптоми во раните фази на болеста, но Ели сметала дека „заморот“ што таа го припишувала на работата можеби е рак. Најдобар начин на лекување било веднаш да се започне со орална хемотерапија, но не се знаело какви ќе бидат ефектите врз нероденото дете.
Затоа, Ели, соочена со невозможниот избор да абортира или да се породи, решила да почека. Таа чекала девет месеци да се роди нејзиниот син.