На првиот канал на германската државна телевизија беше објавена репортажа од најголемиот затвор во државава – скопски „Идризово“ во која главен акцент е ставен на нехуманите услови за затворениците.
„Умирам од глад. Како да штрајкувам со глад. Умирам од глад“, вели затвореникот Џеладин за германската телевизија, а репортерот на „АРД“ додава дека Џеладин за ручек добива по една мала паштета и салата и „секоја вечер оди гладен и жеден во кревет“.
Џеладин бил осуден за кражба и измама, а долго време живеел во Германија каде што исто така бил во затвор.
„Павилјонот А во затворот Идризово во близина на Скопје е озлогласен. Тука се сместени тешки криминалци. Убијци, дилери на дрога, силувачи – во многу лоши услови. Мажите живеат во големи простории, кои си ги одвоиле со кревети и ќебиња во мали ќелии. Десет до 20 мажи делат една просторија. Гипсот се распаѓа од ѕидовите кои се речиси соголени. Во тоалетите смрди, а подот открива влага. Затворениците се разбеснуваат кога раскажуваат за условите: ‘Тука не можете ни на шолја да седнете. Изметот цело време паѓа од горе долу“, пишува АРД.
АРД потсетува дека состојбата во македонските затвори била остро критикувана и во извештајот на Советот на Европа од 2016 година. Тоа особено се однесува на најголемиот затвор- Идризово, каде ситуацијата беше оценета како нехумана, а затворот лошо организиран и пренатрупан.
Состојбата се релаксираше, забележува германската телевизија, во 2018 со амнестијата со која беа ослободени 800 затвореници, а 3.000 добија намалени казни.