Мики Црнокрак сите овие години е синоним за мода, жени и убавина. Некогаш еден од водечките манекени, денес е сопственик на модната агенција Црнокрак низ која поминале речиси сите познати манекенки. Не планирал да стане манекен, ама случајно го откриле на брод на кој бил со друштво додека пловеле по Јадранот.
„Имаше некоја ревија на бродот, ама се разболе еден од манекените. Ме прашаа дали сакам да го заменам, па јас кога видов еден куп разголени жени, згодни на бродот, одма прифатив. И така почна сè“, раскажува Црнокрак за „Репортер“.
За убавите времиња кога тој беше манекен вели: „Тогаш никого не го интересираше хонорарот, сè беше од љубов“.
Мики е во брак со Светлана 25 години. Љубовната приказна која почнала одамна ни ја раскажа со многу емоции.
„Кога разбрав дека треба да ја земам со кола Светлана и да одиме накај Битола, нозе ми се пресекоа. По пат не ѝ правев муабет за да глумам фраер, ама во Битола се случи хемијата“, искрен е Мики. Денес имаат две ќерки Нина и Моника кои се 13 години разлика, кои исто така тргнаа по стапките на своите родители. За разликата во годините на ќерките, Мики вели: „Па интересно е во исто време да си и во градинка и на факултет“.
Со Црнокрак зборувавме за неговата работа. Цел живот е опкружен со жени. „Остај, од сегде жени, и дома и на работа. Ма и кучето дома ни е женка“, низ насмевка вели Мики.
Не го крие разочарувањето од денешните манекени. Вели има убави и згодни девојки денес, но според него повеќето имаат недостаток на домашно воспитување и култура. „Немаат почит. Ќе дојдат мали со 12 години, ќе вложуваш во нив за кога ќе пораснат да ти се врати, оти ние живееме од тој процент и кога ќе се осетат големи, вртат грб. Ние имаме стратегија за нивната кариера, а надвор да успееш не е баш така лесно“, вели Мики, кој има лиценца од преку 40 интернационални избори за убавина.
Со Мики зборувавме сешто. Зошто е разочаран од денешните манекенки, како реагира Светлана оти постојано е со жени, зошто 35 години е на диета, од каде е презимето Црнокрак, за загубата на неговата мајка, за деновите кога бил центарфор во фудбалски тим во Австралија. За времињата кога тој беше еден од водечките манекени, за љубовта со Светлана, за родителите, зошто е југоносталгичар… Гледајте го интервјуто.